Тон гуми запленети од некогашната депонија Вардариште

Еден тон стари и уништени гуми кои се наоѓале во дворовите кај граѓаните, како отпад кој досега беше пален на отворена површина, заплениле комунални инспектори при увид на дивата депонија во Вардариште.

„Откако депонијата во Вардариште беше мапирана како една од критичните точки за загадување на воздухот, комуналните инспектори на општина Гази Баба, заедно со Инспекторатот на град Скопје, Јавното комунално претпријатие Гази Баба 2007 и МВР, извршија увид на дивата депонија во Вардариште. При увидот, извршена е заплена на 1 тон стари и уништени гуми кои се наоѓале во дворовите кај граѓаните, отпад кој досега беше пален на отворена површина, со што значително се загадуваше животната средина“, информираат од општина Гази Баба.

Од Инспекторатот на Град Скопје велат дека заедно со општинските инспекторати на територија на Град Скопје ја продолжува битката со палењето на огнови на отворени површини, особено на дивите депонии, од кои се шири непријатна миризба и кои енормно го загадуваат воздухот.

„Ги повикуваме сите граѓани на бројот 193 да пријават палење на огнови или опожарување на јавни површини за да можат институциите навремено да реагираат“, соопштија од Инспекторатот и од Гази Баба.

Инаку, две децении по нејзиното затворање, некогашната депонијата Вардариште сè уште е незаштитена, секој може да пристапи, така што со години претставува опасност за здравјето на скопјани.

Со години веќе се споменува ревитализација на Вардариште, за која во 2014 беше изработена физибилити-студија за „Санација на поранешна градска депонија“, во која се презентирани основните проблеми со депонијата и се утврдени активностите што треба да се спроведат за ремедијација и рекултивација.

Обврска на Гази Баба беше да го донесе ДУП-от за четврт СИ09, а Град Скопје да издвои пари за својот Буџет и да почнат активности според проект за ревитализација.

Град Скопје и во 2018 година при ребаланс на Буџетот ги тргна, односно пренамени средствата за Вардариште.

Историјата со локацијата на Вардариште започнува во далечната 1963 година, по катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога имала намена како позајмиште на песок и чакал. Ваквата намена на локацијата завршува со привршување на градежните работи за обнова на Скопје во 1967 година. По овој период на локацијата започнува да се депонира секаков вид отпад, а интензивно се користи како депонија меѓу 1976-1996 година, при што се депонирале индустриски неопасен отпад, градежен шут, комунален отпад и друг вид инертен отпад. Децениското депонирање на отпадот било вршено на не повеќе од 20 хектари површина на локацијата.

Вардариште дваесетина години имаше улога на главна депонија за одлагање на отпадот од главниот град, иако не беше изградена според стандардите. Онака како што функционираше, многумина сметаат така продолжи и да опстојува по затворањето.

Познато е дека на локацијата постојано се оформуваат и диви населби.

Жителите на општините Аеродром и Гази Баба и репризно секоја година ги чувствуваат последиците од неконтролираните пожари од Вардариште.

Недоволно развиениот систем за справување со отпадот во изминатите децении заедно со праксата на фрлање на отпадот на несоодветни депонии има големо штетно влијание врз животната средина. Дури и градските власти на повеќе пати потенцираа дека депонискиот гас и отпадна вода се сериозни загадувачи на атмосферата, земјиштето и површинските води.

Вардариште е лоцирана на левиот брег на Вардар, а се наоѓа на територија на општината Гази Баба со вкупна површина од 42 хектари. На запад се граничи со поранешната фабрика Металски завод Тито, на југ е насипот на Вардар, на север е каналот за одводнување, но затоа источната граница сè уште не е утврдена.