Томе Трајков е добитник на признанието „Љупчо Филипов“, за развој на македонскиот стрип

Велешанецот Томе Трајков, проект координатор во Стрип центар на Македонија, е добитник на годинешното Признание за развој и афирмација на македонскиот стрип, наречено според прерано починатиот бард на македонската стрип сцена Љупчо Филипов.

Доделувањето на ова признание е составен дел од активностите во склоп на Меѓународниот стрип салон, што се одржува секоја година во средината на октомври во Велес. Стрип центарот на Македонија – Велес како организатор на целокупната манифестација, ова признание го доделува на заслужни домашни дејци за развојот и афирмацијата на деветтата уметност. Досегашни добитници на ова признание се: Миле Топуз-стрип автор, Диме Иванов Димано-стрип автор, Александар Сотировски –стрип автор, Ване Трајков -промотер, поранешната групација „Тајфа Арт“-тогаш млади автори и подоцнежни основачи на нови стрип асоцијации, Томислав Османли-стрип хроничар и сценарист, Дарко Марковиќ, Киро Донев-директор на МЛАД БОРЕЦ, редакцијата „Детска радост“, Оливер Ромевски-стрип сценарист и промотер , Стрип книжарницата „Бункер“ и „ОСТЕН“- Галерија и списание.

Во образложението за наградата се нагласува дека воопшто не претставувало пречка фактот што Македонскиот стрип центар доделува признание на човек од својот персонал. Оттаму посочуваат дека Томе Трајков со неговата повеке од децениско ангажирање во СЦМ оствари големи резултати во интерес на македонската стрип сцена како создавањето на стрип мостови помегу македонската и околните стрип сцени, преку постојан контакт со странски и други донатори,  ширење на 9-та уметност низ разни градови, но и јакнење на комуникацијата со институциите и како и започнување на процесот на примена на стрипот во социјалната сфера.