Томаш Малковски: Со уништувањето на архитектонскиот брутализам во Скопје се губи препознатливоста на градот

Полскиот архитект и критичар Томаш Малковски завчера одржа предавање со наслов „Трите тигри и брутал“, што се одржа на Архитектонскиот факултет во Скопје, а настанот беше организиран од страна на Амбасадата на Република Полска во Македонија и од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Архитектот Малковски зборува за брутализмот како единствен стил во архитектурата, чиешто име и натаму делува невообичаено. Тој се јавува како одраз на вознемиреноста која се јавила после II светска војна, најпрвин во Франција, потоа во Велика Британија, за потоа да се рашири низ целиот свет. Кај нас има многу објекти изведени во овој стил и Скопје го сметаат за главен град на брутализмот во светот. За жал, некои од објектите кои се извонредни во својот архитектонски израз кај нас ги преоблекуваат во така наречениот барок.

Малковски во своето предавање зборуваше за новите изрази кои се јавуваат во уметноста и архитектурата после војната. Зборуваше за музиката на Пендерецки, во којашто нотите наликуваат на математички изрази. Како во музиката, така се јавува нова потреба за изразување и во архитектурата. Потребата од брзо градење, придонесува за појавата на брутализмот. Објектите имаат искреност во изразот, имаат едноставни и чисти форми иако изгледаат груби. Објектите во овој стил честопати изгледаат како да не се довршени, со видлива конструкција. Еден од предводниците на овој правец е и познатиот Ле Корбизје.

msu

Зградата на Музејот на современа уметност во Скопје, изградена во 1970 година по проект на полските архитекти Вацлав Клишевски, Јержи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки.

Според Малковски, многу од објектите од овој стил во светот се рушат и на нивно место се прават безлични комерцијални објекти. Ако ги изгубиме овие објекти, ќе го изгубиме ли и својот образ? Кај нас веќе почнавме да го губиме образот.

По одржаното предавање, на Архитектонскиот факултет беше свечено отворена и изложбата „Варшавските тигри во Скопје“, посветена на прославените полски архитекти Вацлав Клишевски, Јежи Мокшињски и Еугењуш Вјежбицки, според чиј проект во 1970 година е изграден Музејот на современа уметност во Скопје.