Толпа во Индонезија заклале 300 крокодили во одмазда поради убиен соселанец

Толпа бесни селани убиле скоро 300 крокодили во подрачје на заштитени животни во индонезиската провинција Западна Папуа.

Масакрот бил во одмазда поради тоа што локален жител бил убиен од животно од местото. Полицијата и властите соопштиле дека не успеале да го спречат нападот, најавувајќи дека веројатно ќе подигнат обвиненија. Убивањето на заштитени видови животни е кривично дело за кое следува парична или затворска казна во Индонезија.

Локалниот жител бил убиен во петокот наутро додека собирал зеленчук на фармата со крокодили во заштитеното подрачје.

„Вработен слушнал како некој вика помош, брзо дошол на местото и видел како крокодил напаѓа некој човек“, изјавил директорот на Агенцијата за конзервација на природни ресурси од Западна Папуа.

По погребот во саботата, неколку стотици бесни жители најпрвин пошле кон заштитеното подрачје вооружени со ножеви, лопати, чекани и стапови. Локалните медиуми јавуваат дека толпата прво ги нападнале службените простории на крокодилската фарма, а потоа се упатиле кон животните и заклале 292 крокодили.

Заштитеното подрачје е дадено под концесија на фармата за одгледување на заштитените крокодили и користење на солената вода на местото.