Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ од Скопје организира добротворен настан и дружење по повод 1 декември – Светскиот ден на СИДА.
За настанот свои уметнички дела донираа повеќемина уметници, меѓу кои Симон Калајџиев, Иван Петрушевски – Флим, Нина Симовска, Мима Пејоска, Велимир Жерновски, Дороти Пачкова, Марјан Арсовски, Јадранка Митева Милчовска и Петар Петков. Делата на овие уметници ќе бидат предмет на јавно наддавање.
На настанот ќе се промовира и спотот – социјален експеримент кој Здружението го сними во рамки на овогодинешната кампања, а е базиран на реакции на македонската јавност кон луѓето што живеат со ХИВ.
„Целта на настанот е заеднички да придонесеме за поголема свесност за ХИВ во македонската јавност. ХИВ-инфекцијата денес претставува една хронична состојба која успешно се менаџира со помош на достапна терапија, се разбира, доколку навреме се открие“, велат организаторите.
Средствата што ќе се соберат од оваа аукција, како и минатите години, се наменети за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија. Поконкретно, здружението „Заедно посилни“ ги пренасочува овие средства за покривање на итни здравствени потреби или за помош на лица со ХИВ кои живеат во неповолни социјални услови. Оваа година Здружението започна и со прибирање на средства за поддршка на активностите на здружението, особено во делот на врсничка едукација на луѓе што живеат со ХИВ, застапување и подигање на јавната свесност.