Тинекс и Квинс хотел ќе платат 64 000 евра и ќе го вратат „Македонско село“ на Владата

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески, соопшти дека се сретнал со  претставниците на менаџментот на Тинекс МТ ДОЕЕЛ СКОПЈЕ и КВИНС ХОТЕЛ ДОО СКОПЈЕ, кои го имаат склучено договорот за јавно-приватно партнерство со СОЗР. Таму, посочува, бил повторен ставот изнесен во писменото соопштение дека еднострано го раскинуваат Договорот бидејќи работењето на комплексот „Македонско село“ бил со загуба.

„Претставниците на менаџментот ме известија дека се свесни за правните обврски кои произлегуваат од Договорот, а тоа подразбира активирање на Гаранцијата за квалитетно извршување на Договорот во износ од 2.690.409 денари, односно околу 43.000 евра и подмирување на киријата за следните 6 месеци“, истакна Мирчевски.

Тој потсети дека Македонско село е инвестиција на Република Македонија направена од претходната Влада, за која од буџет беа издвоени 6.5 милиони евра.

„Ако се има предвид дека месечната кирија за комплексот изнесувала 3.500 евра и дека во овој момент се испоставува дека истата е неодржлива и дека комплексот работел со загуба, преку едноставна пресметка може да се заклучи дека државата и граѓаните ќе си ги повратат вложените средства, после 150 години. Не сакаме да навлегуваме во тоа што сè би можело да се изгради или направи за интересите на граѓаните со овие 6.500.000 евра“, вели Мирчевски.

Најави дека Владата на Република Македонија ќе донесе одлука за натамошно постапување.

Од утре се затвора комплексот „Македонско село“ на Водно