Деветнаесетгодишна тинејџерка стана најмладата жена што летала соло низ светот, слетувајќи во Белгија по петмесечното патување, пренесува Еуроњуз.
Зара Радерфорд денеска се спушти во градот Кортријк, 90 километри западно од Брисел – истиот аеродром од каде што тргна на своето патување минатиот август.
Британско-белгиската пилотка е 11 години и 11 месеци помлада од Американката Шаеста Вајз, која имаше 30 години кога го постави постоечкиот рекорд за најмлада жена што го обиколи светот соло во 2017 година.
„Додека растев, не видов многу други пилотки. Отсекогаш мислев дека тоа е навистина обесхрабрувачки“, им изјави Радерфорд.
„Така што, се надевам дека ќе поттикнам повеќе девојки да се приклучат на воздухопловството и на некој начин да покажам пријателско лице, така што ако девојка сака авијација и ме види мене, да знае дека не е единствената.“
Нејзината рута ја однесе преку Исланд до Гренланд и надолу на исток од Канада и САД преку Централна Америка до Колумбија, а потоа назад на север до Алјаска.
Таа леташе над Русија, Кореја, Индонезија и Индија на Блискиот Исток пред да се врати во Европа со нејзиниот авион кој е дизајниран во Чешка и склопен во Словачка. Може да достигне брзина до 295 километри на час.
По пат, Радерфорд мораше да се справи со студот над Русија и да го избегне севернокорејскиот воздушен простор.
Тинејџерката неодамна го завршила средното образование и се надева дека ќе студира компјутерски науки или компјутерско инженерство.
„Мојата цел е да ги охрабрам девојките и младите жени да ги остварат своите соништа и да промовираат авијација и кариери поврзани со СТЕМ (наука, технологија, инженерство, математика). Само 5% од комерцијалните пилоти и 15% од компјутерските научници се жени“, рече таа.