Тинејџер измисли часовник кој предупредува за секое допирање на лицето

Проблемот со допирањето на лицето, што го зголемува ризикот од зараза со новиот коронавирус среде пандемија на Ковид 19, го инспирираше 15-годишниот британец Макс Мелија да го измисли Vybpro, часовник кој помага во спречување на несвесното допирање на лицето, носот или очите.

„Гледајќи ги вестите за оваа пандемија, беше јасно за разорниот ефект кој го има врз животот на луѓето низ целиот свет“, изјави тој за Си-Ен-Ен. „Сепак, сè додека не ја видов сериозноста на вирусот од прва рака, кога двајцата мои родители заболеа од Ковид-19, јас навистина сфатив со што се справуваме“.

Часовникот работи со препознавање на гестови кои се поврзани со движење на рацете кон лицето. Комбинирајќи единствена технологија и алгоритми за да се направи разлика помеѓу предвидените допирања на лицето и движењата на другите раце, часовникот вибрира секој пат кога раката на оној што ја носи, се приближува до лицето. Макс им препорачува на луѓето да носат по еден часовник на секој зглоб за да ги следат движењата на двете раце.

Тој и неговата мајка, Натали Мелија, прв пат дошле на оваа идеја во 2018 година, кога семејството разговарало за начините за спречување на настинката и грипот. Но, кога пандемијата на коронавирус започна да ги погодува луѓето ширум светот, зголемувањето на бројот на смртни случаи го инспирираше Макс да се фати за работа.

„Знаев дека ова е време кога морав да се обидам и да направам разлика, и затоа мораше да бидам навистина посветен. Мудро го искористив времето што не одев на училиште поради карантинот“.

Користејќи ги истражување што го собрал неговиот татко Ричард Мелиа, Макс соработувал со дизајнер на производи кој брзо можел да произведе работен прототип на финалната верзија на уредот. Часовникот кој се надополнува со струја, е водоотпорен и не  се оштетува од пот, дожд и често миење раце. Макс сега започна кампања за собирање средства во висина од 74,000 американски долари за да го финализира развојот и да почне производство на својот изум. Сите профити добиени од раната продажба ќе одат кон обезбедување бесплатни часовници на ранливите категории и работниците на фронтот, како што се оние во старечки домови и здравствени работници.

„Верувам дека овој уред може да направи вистинска разлика во борбата против коронавирусот и затоа сум решен да сторам се што можам за да го доведам на пазарот“, рече Макс.

VybPro , дизајниран и произведен во Велика Британија, ќе се продава по околу 111 американски долари (89,99 фунти), за пар. Ако тимот собере пари, тој би можел да излезе на пазарот до септември 2020 година.