Тиндер планира да воведе „панично копче“ за опасни состаноци

Апликацијата „Тиндер“ планира да воведе „панично копче“ за да ја зголеми безбедноста на корисниците. Новата алатка ќе биде тестирана во САД од крајот на јануари, a преку неа, сите корисници кои ќе се почувствуваат загрозено на состаноците ќе може да алармираат трето лице.

Вграденото безбедносно копче ќе ја известува полицијата за локацијата на личноста во опасност.

Компанијата „Меч Груп“ која ги поседува апликациите „Тиндер“, „Меч“, „ОкКупид“ и „Пленти оф Фиш“, во своето соопштение ги известува корисниците дека нивните податоци и лични информации нема да бидат собирани за реклами.

Наместо тоа, трета безбедносна апликација „Нунлајт“, ќе ги контролира сите пријави.

Доколку корисникот на „Тиндер“ стисне на паничното копче, вработен во „Нунлајт“ ќе му испрати порака и ќе му се јави за да го праша дали му е потребна помош. Полицијата ќе е контактирана само ако корисникот побара помош или не се јавува.

Доколку копчето е стиснато по грешка, алармот може да се прекине преку внесување на код. Сепак, сè уште постои ризикот од лажни пријавувања.

„Ги земавме предвид лажните пријавувања, верувајте ми. Ако некој не одговори на повикот, најлошото можно сценарио е некој да дојде и да праша дали е сè во ред. А тоа не звучи толку лошо“- изјавила Менди Гинсберг, извршна директорка во „Меч Груп“.

Нови безбедносни мерки се планирани за  сите апликации на „Меч Груп“, односно,  верификација на фотографии и безбедносен центар во самата апликација.

Скорешно истражување на „Прорепублика“ и „Новинарски Истражувања Колумбија“ открија дека „Меч Груп“ не поседува унифицирана безбедносна полиса за нејзините апликации и тврдат дека тие се користени од страна на сексуални предатори.

Гигантот  „Меч Груп“ тоа време признал дека нема податоци за тоа колку регистрирани предатори демнат на нивните апликации бидејќи не ги собирале личните податоци.

„Како што технологијата се развива, ние ќе продолжиме со воведување на нови алатки за отстранување на лажните и опасните профили“ – истакнал портпаролот на „Match Group“.

Извор: Independent