Тимот „Скопје“ и Матеј Поп-Дучев победија на Националното дебатно првенство 2016

Матеј Поп-Дучев, Матеа Коцевска и Ангелина Цветковска од тимот „Скопје“ беа прогласени за национални шампиони на Национално дебатно првенство кое традиционално се случува на крајот од секоја учебна година. Матеј Поп-Дучев пак освои најмногу индивидуални говорнички поени и беше избран за најдобар говорник на турнирот.

Изминатиов викенд „Универзитетот ФОН“ беше домаќин на повеќе од 130 средношколци и студенти кои се натпреваруваа за титулата Национален дебатен шампион. Првенството го организира дебатната програма на Младински образовен форум , како најголем и најзначаен годишен настан . На турнирот кој се одржа на 7 и 8 мај учествуваа 32 тима од 6 градови во Македонија кои натпреварувајќи се за титулата најдобар тим и најдобар говорник, дебатираа во четири прелиминарни рунди, полуфинале и финале во „World Schools Stylе“ формат.

Согласно моменталните случувања во Македонија на турнирот беше дадена тезата: „Овој Дом Верува дека меѓународната заедница треба да биде поагресивно вклучена во решавање на македонската политичка криза”. Преку дебатирање афирмативниот и нагацискиот тим, средношколците беа ставени во позиција критички да размислуваат и аргументирано да изградат ставови “за” и “против” идејата за поагресивни интервенции од страна на меѓународната заедница.

Турнирот претставува краен резултат на дебатната програма на Младински образовен форум, а неговата цел е да овозможи простор на средношколците – членови на дебатните клубови на МОФ да ги применат во пракса аргументациските и говорничките вештини кои ги стекнуваат во текот на целата година, со посета на дебатните предавања во нивните клубови. Преку дебата на однапред зададената теза учесниците на турнирот беа инспирирани да се информираат за моменталната ситуацијата на нашата држава, како на национално ниво, така и во рамки на потесните интернационални политички случувања.

На годишно ниво повеќе од 200 средношколци во државата слушаат предавања за дебатни вештини и стекнуваат образование во области од економијата, меѓународните односи, социјалните промени, меѓународните тела и институциите.