„Ова не е шоу. Ова е момент. Момент во кој ќе слушнете што значи да се креира подкаст со љубов и визија, но сепак во балкански услови и со многу предизвици“, велат од платформата „Анекта“, која за 31 мај во 20:30 часот најавува дека целата екипа зад најпознатиот подкаст на Балканот – „Агеласт“ – доаѓа во Скопје во „Јавна соба“.
Според најавите, Галеб Никачевиќ и неговиот тим ќе зборуваат за падови, избори, задкулисни приказни, и медиумска храброст.
„Во разговор од приближно еден час и половина, во опуштена атмосфера, ќе добиеме увид во искуствата на тимот што започна скромно – од дневна соба, со минимум пари, но со огромна посветеност и љубов кон вистинското раскажување“, соопштува „Анекта“.
Од таму дополнуваат дека ова не е само настан.
„Ќе слушнеш искуства што не се кажуваат јавно. Ќе видиш како изгледа храброста и истрајноста на новите медиуми. Ќе прашаш – и ќе добиеш одговор. Ќе си одиш инспириран. Не од шоу. Од луѓе. Карти достапни сега — поддржи го независниот медиум и искуси нешто што нема реприза“, посочуваат од „Анекта“.