Тим архитекти нуди зелено, одржливо и евтино решение за просторот помеѓу Маџир Маало и Транспортниот Центар

„Скопје, како град во кој секојдневно сме сведоци на изградба на нови објекти на сметка на зеленилото и нови паркинзи на сметка на јавниот простор има огромна потреба од брзи, лесни и ефикасни предлози“, вели тимот архитекти составен од Радмила Томовска, Ива Петрунова и Хекуран Мусли.

Тие периодов работеа на проектот „КензО“ со кој сакаат да придонесат во подобрување на квалитетот на животот во градот, а според нив, тоа е возможно со создавање на зелени и јавни простори. Локацијата што ја избрале е просторот помеѓу Маџир Маало и Транспортниот Центар.

Идејата е граѓаните да го посетат овој јавен простор лоциран пред една од најпознатите структури дизајнирана од светски реномираниот архитект Кензо Танге во Скопје, изградена по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година.

„Локацијата моментално е сива, бездушна, загадена, со голема фрекфенција на возила преку ден. Површината пред Поштата е сосема запуштена и неискорестена, преку ден се користи како паркинг, додека навечер е сосема празна. Во околината недостига зеленило и јавен простор, додека паркинзи и зонско паркирање има под транспортниот центар како и од другата страна на Поштата. Овој дел од градот е тотално дехуманизиран и загаден. Сообраќајот во оваа област е многу густ, со неискористени паркинзи“, забележуваат архитектите.

Моментална состојба на просторот

Посочуваат дека проектот не би влијаел негативно на развојните стратегии на градот, а притоа би се почитувало архитектонското наследство.

„Идејата е преку конкретен пример, да се допре до градските власти, и да се види потенцијалот на оваа локација, на начин кој би бил еколошки, зелен, културен и инклузивен“, велат тие за Радио МОФ.

„Исто така, проектот е своевиден апел за градскиот простор да се врати на граѓаните и да се создаваат места, кои би го унапредувале животот во градот на хуман и одржлив начин“, посочуваат овие архитекти.

За да дојдат до финалната идеја, претходно анализирале и истражувале како со нивниот проект да се подобри квалитетот на воздухот, да се намалат температурите во летниот период, но и да биде точка за средби на жителите кои се движат кон овој дел од градот.

Главниот елемент на нивниот проект е модуларен цилиндар (челична конструкција) со дијаметар од 8m, кој го следи нумеричкиот редослед на Фибоначи.

„Челичните профили во форма на прстени се поврзани со челични жици и формираат цилиндричен тунел покриен со локална природна вегетација – бршлен. Бршленот се смета за издржлива билка која е истовремено многу ефикасна во прочистувањето на воздухот. Оваа јака челична конструкција е издржлива на временските услови, а воедно е и економски прифатлива што ја прави идеална за јавни простори. Урбаната опрема е изработена од челик, дрво, јажиња и гумирани површини. Внатрешниот простор е засенчен и зелен. Отворите што се одземаат од зелениот тунел се во корелација со сончевата инсолација и воздушната циркулација. Во исто време, тие овозможуваат подобра циркулација на пешаците низ локацијата и функционираат како отвори (врати и прозорци)“, стои во описот на проектот.

Ноќе, просторот би бил осветлен со помош на енергетски ефикасно осветлување: соларни канделабри, флуросцентни бои кои ја рефлектираат светлината и „паметни„ артифицијални светлечки уреди.

Според замислата, цилиндричниот елемент има многу отвори во форма на прозорци или врати кои би им овозможувале на посетителите да влезат внатре и да уживаат во овој зелен тунел.

„Внатре во овој зелен тунел, посетителите можат да прават различни работи: да седат, да јадат на пауза за ручек, да лежат и да читаат книга, децата да играат и да се лулаат, постарите луѓе да зборуваат и да играат шах, а во отворениот амфитеатар посетителите да уживаат во театарска или музичка изведба. На просторот е предвиден и паркинг за велосипеди“, стои во описот на проектот.

Тунел кој го поврзува животот на минатите, сегашни и идни генерации на Скопје

Идејниот проект се обидува да ги спои старите скопски маала како Маџир Маало и фрункционалноста на Транспортниот центар, преку зелен и одржлив јавен простор.

Според архитектите, густината во центарот на градот расте секој ден со додавање на нов објект на секоја локација што е празна или зелена. Идејата на овој проект, пак, е да се врати природата во градот. Со нивната идеја, околу 85% од локацијата би се трансформирала во зелена и водена површина.

„Градовите треба да функционираат во хармонија со природата, а не да ја отфрлаат од себе. Градовите се потенцијално еколошки, бидејќи имаат капацитет да станат самоодржливи и да произведуваат енергија наместо само да ја конзумираат и трошат. За да го реализираме овој потенцијал, мора да го развиеме концептот на враќање на природата во градот“, истакнуваат овие архитекти.

Емилија Петреска