„Тиииит! Инк.“ изработи материјал за професори со теорија и квиз за средношколци по повод 8 Март

Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ подготви педагошки прилагоден материјал на ниво на средно образование, за спроведување на час по повод 8 Март – Меѓународниот ден за борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност.

Ова е резултат од активноста на словенечките активистки Mesto Žensk (City of Women), кои од 2016 активно соработуваат со учителките/ите и педагозите во рамките на ова иницијатива.

„Овој материјал е изготвен за сите едукаторки/и кои сметаат дека материјалот е адекватен или прилагодлив за нивната група на ученици, и сакаат да зборуваат за родовата нееднаквост и феминизмот со младите. Наставниците/чките можат да го менуваат и приспособуваат материјалот за да се совпадне во контекстот на нивната група, компетенциите и потребите на учениците/чките, како и начинот на кој ја извршуваат наставата“, велат од „Тиииит! Инк.“.

Материјалот содржи две одделни активности  од кои првата има за цел да отвори дискусија за родовите стереотипи во општеството, со посебен фокус на јазикот и медиумите. Втората активност е квиз кој преку низа прашања, ќе ги запознае ученичките/ците со историјата на движењето за родова еднаквост дома и во светот, но и ќе ги поттикне да зборуваат на актуелни теми кои се дел од феминизмот сега.

„Целта на овие материјали е да се охрабрат сите оние кои се активни чинители во образовниот процес да станат дел од една дискусија која е неодделив дел од секојдневното постоење и учествување во нашето општество“, посочуваат од „Тиииит! Инк.“.

Материјалите вклучуваат копија со наставен план и копија со квизот за учениците/чките.

„Педагози од целата земја – ве охрабруваме да го испробате квизот во вашата настава со учениците по повод овој празник, на класниот час овој понеделнички 8 Март!“, повикуваат од „Тиииит! Инк.“.