Поранешната кандидатка за претседателка на Белорусија Светлана Тихановскаја денеска изјави дека опозициските протести не се завршени, туку дека добиле нова форма, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Опозицијата во Белорусија протестира од почетокот на август затоа што не ги признава резултатите од изборите, на кои победи актуелниот претседател Александар Лукашенко.
„Веќе сме подобро организирани. Многу е важно мирните протести да продолжат во било каква форма, не смееме да му дадеме шанса на режимот да каже дека протестите ја изгубија својата сила, бидејќи тоа не е точно. Протестите ја менуваат својата форма и тоа е нормално“, рече Тихановскаја.
Нејзиниот советник за меѓунационални прашања Франак Вјачорко рече дека е невозможно да се предвиди на која страна ќе отиде протестниот бран во Белорусија. Според него, луѓето повеќе се мобилизираат кога ќе се случи некаков инцидент, како на пример кога почина активистот Роман Бандаренко.
„Мораме да бидеме подготвени дека такво нешто може да се случи секој ден. Луѓето излегуваат на улица под влијание на емоции или одредени фактори. Во наредните шест месеци нема шанси протестите да престанат“, додаде тој.