Thomas Piketty: Bernie Sanders почнува нова ера во американската политика

tp

Thomas Piketty

Францускиот економист Thomas Piketty, познат по истражувањето на проблемите поврзани со нееднаквата распределба на богатството, напиша текст во кој дава свое видување на значењето на појавата на Bernie Sanders во американската политика. Текстот, првично објавен пред неколку дена во париски Le Monde, го пренесуваме во целост:

Како можеме да го толкуваме неверојатниот успех на „социјалистичкиот“ кандидат Bernie Sanders на прелиминарните избори во САД? Сенаторот од Вермонт сега е пред Hillary Clinton кај гласачите под 50 години кои се наклонети кон Демократската партија, а Clinton води на анкетите само благодарение на постарата генерација.

Поради тоа што се соочува со „машината Clinton“, како и поради конзервативизмот на мејнстрим-медиумите, Sanders можеби нема да успее да ја добие трката. Но, сега се покажува дека некој друг Sanders – можно помлад и помалку бел, еден ден наскоро би можел да ги добие претседателските избори во САД и да го промени лицето на земјата. Во многу аспекти, ние сме сведоци на крајот на политичко-идеолошкиот круг кој ја отвори победата на Ronald Reagan на изборите во 1980 година.

Да погледнеме наназад, за момент. Од 30-те до 70-те години на минатиот век, САД беа предводник на амбициозен сет на политики насочен кон намалувањето на општествените нееднаквости. Делумно за да избегне каква било сличност со Старата Европа, која тогаш се гледала како екстремно нееднаква и спротивна на американскиот демократски дух, во годините меѓу војните, земјата измисли високопрогресивни даноци на приход и имот и постави нивоа на фискална прогресивност кои никогаш не се користени од оваа страна на Атлантикот. Од 1930 до 1980 година, половина век, стапката на данок за највисокиот приход во САД (преку еден милион долари годишно) била во просек 82%, со пикови од 91% од 40-те до 60-те години (од Roosevelt до Kennedy), а и натаму била и до 70% во времето на изборот на Reagan во 1980 година.

Оваа политика на ниту еден начин не го засегнала силниот раст на поствоената американска економија, без сомнение поради тоа што нема многу смисла да им се плаќа на „суперменаџерите“ 10 милиони долари, кога еден милион е доволен. Данокот на имот, кој бил еднакво прогресивен, со стапки за најбогатите околу 70% или 80% со децении (во Германија или Франција никогаш не надминал 30% или 40%), во голема мера ја намалила концентрацијата на американскиот капитал, без уништувањето и војните со кои Европа морала да се соочи.

Митски капитализам

Во 1930-те, долго пред европските земји да го следат примерот, САД исто така поставиле минимална плата на нивото на целата земја. Во доцните 60-ти, таа изнесувала десет долари на час (во денешни пари), далеку највисока во светот во тоа време.

Сето ова било спроведено речиси без невработеност, затоа што и нивото на продуктивност и образовниот систем то го дозволувале. Ова, исто така, е времето во кое САД конечно ставиле крај на недемократската, системска расна дискриминација, се уште присутна на Југот, и презеле нови социјални политики.

Сите овие промени поттикнале силна опозиција, посебно меѓу финансиските елити и реакционерниот дел од белиот електорат. Понижена во Виетнам, Америка од 70-те била дополнително загрижена дека губитниците од Втората светска војна (главно Германија и Јапонија), ги стигнуваат САД, дури и при нејзината најголема брзина. Америка исто така страдала од нефтената криза, инфлацијата и слабото индексирање на даночните пријави. На брановите на сите овие фрустрации, Reagan бил избран во 1980 година, со програма чија цел била враќање на митскиот капитализам, кој никогаш претходно не постоел.

Кулминацијата на оваа нова програма биле даночните реформи во 1986 година, со кои е ставен крај на половина век прогресивен даночен систем и е спуштена стапката на данок за најбогатите на 28%.

Демократите никогаш вистински не го предизвикаа овој избор во годините на Clinton (1992-2000) и на Obama (2008-2016), што резултираше со стабилизирање на оваа стапка на околу 40% (двапати пониско од просечната стапка во периодот од 30-те до 80-те години). Ова предизвика експлозија на нееднаквоста, заедно со неверојатно високи плати за оние кои можат да ги добиваат, како и стагнација на даночните приходи во поголемиот дел од Америка – сето ова придружено со низок економски раст (сепак, на ниво се уште повисоко од она во Европа, која имаше други проблеми).

Прогресивна агенда

Reagan исто така одлучил да го замрзне нивото на минималната плата, која од 80-те наваму, бавно, но неизбежно беше нагризувана од инфлацијата (нешто помалку од седум долари во 2016, наспроти речиси 11 долари во 1969 година). Повторно, овој нов политичко-идеолошки режим ги „преживеа“ годините на Clinton и на Obama).

Денешниот успех на Sanders покажува дека поголемиот дел од Америка е изморен од растечката нееднаквост и од овие таканаречени политички промени и има намера да ја оживее и прогресивната агенда и американската традиција на егалитаријанство. Hillary Clinton, која се залагаше за полеви решенија од Barack Obama во 2008 година, на теми како здравственото осигурување, денеска изгледа како да го брани ова статус кво, како да е уште една наследничка на политичкиот режим Reagan-Clinton-Obama.

Sanders, од своја страна, е многу јасен дека треба да се врати прогресивното оданочување и да се зголеми минималната плата (до 15 долари на час). На ова, тој го додава бесплатното здравство и високо образование, во земјата во која нееднаквоста во пристапот до образование достигна досега невидени височини, истакнувајќи го јазот кој стои меѓу животите на повеќето Американци и смирувачките, меритократски говори на победниците на овој систем.

Во меѓувреме, Републиканската партија потонува во хипернационалистички, антиемигрантски и антиисламски дискурс (иако Исламот не е голема религиозна сила во земјата), како и во неограничена глорификација на богатството акумулирано од богатите бели луѓе. Судиите поставени од администрациите на Reagan и Bush ги отстранија сите легални ограничувања на влијанието на приватните пари на политиката, што многу ја компликува задачата за кандидатите како Sanders.

Сепак, новите форми на политичка мобилизација и „crowdfunding“ можат да победат и да ја втурнат Америка во нов политички циклус. Далеку сме од мрачните предвидувања за крајот на човечката историја.

Извор: Guardian