„The Jon Spencer Blues Explosion“ во МКЦ: Дел од бучавата е музика, а дел од музиката е бучна!

Одличен перформанс, експлозија од енергија на подиум и меѓу публика, но лошо озвучување – ова се главно впечатоците од синоќешниот концерт на американската алтернативна рок група „The Jon Spencer Blues Explosion“, која го погоди Скопје директно од Големото јаболко, Њујорк.

Публиката уживаше во двочасовниот концерт, меѓутоа како што и на самиот настан пишуваше „ Дел од таа бучава е музика, а дел од таа музика е бучна“, се покажа дека Њујорк е бучен и не спие, но проблемот со лошото озвучување беше дефинитивно нешто што секој посетител им го забележа на организаторите.

И покрај тоа, публиката остана до крај да ги слушне музичките приказни што членовите на групата сакаа  да ги раскажат преку своите инструменти. Тие се претставија со песни од нивната најнова плоча „ Freedom Tower – No Wave Dance Party 2015“, која имаше добар прием меѓу присутните не оставајќи ги рамнодушни на променливиот и алтернативен ритам.
Скопје беше дел од нивната турнеја, откако претходно ги посетија Загреб и Белград.

„The Jon Spencer Blues Explosion опасно загризува од Големото јаболко со нивната нова плоча, Freedom Tower – No Wave Dance Party 2015. Како најдобрите плочи што излегуваа од Бронкс, од Лоуер ист сајд, од Гриниџ Вилиџ во 70-тите и 80-тите – Freedom Tower не е обична високооктанска плоча за шизење – таа е документ за Њујорк, хроника за валканиот асфалт, за ужасот и за љубовта!“, стоеше во најавата за концертот.

Бендот постои 25 години, а новиот албум претставува збир на приказните што досега ги проживеале вокалистот Jon Spenser, гитаристот Judah Bauer и тапанарот Russel Simins.