Легендарниот џез-состав „„The Chick Corea Elektric Band“ “ ќе гостува во Скопје, на 2 јули во Метрополис арената во 21 ч., во рамките на нивната светска турнеја.
Станува збор за едно од најголемите живи имиња во сферата на џез-музиката, кое изврши силно влијание врз развојот на овој уметнички жанр. Славниот пијанист и композитор Чик Корија гостуваше во Скопје, во рамките на Скопскиот џез-фестивал во 2009 година, но сега доаѓа со бендот со кој што создаде вистинска духовна, уметничка револуција – Dave Weckl на тапани, John Patitucci на бас, Eric Marienthal на саксофон и Frank Gambale на гитара.
„The Chick Corea Elektric Band“ токму во ваков состав, го издадоа нивниот истоимен деби албум во 1985 година во кој се соединуваат џезот, рок-музиката, латино-музиката, фанкот. Албум кој и тогаш, а и денес се уште, звучи прогресивно, иновативно, авангардно, издание кое изврши огромно вијание не само врз понатамошниот развој на џезот, туку и врз хип-хопот и електронската музика.
Американскиот џез-фјужн тапанар Дејв Векл е лидер на „Дејв Векл бенд“, на њујоршката џез сцена се појавува раните 80-ти години и веднаш почнува да соработува со имиња како Мадона, Пол Сајмон, Џорџ Бенсон, Мишел Камило, Ентони Џексон, но неговата популарност ќе процвета токму со влезот во „The Chick Corea Elektric Band“.
Влезниците за концертот на легендарниот џез-состав се веќе во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за се“, а цените се движат од 990 до 3.000 денари.