Тетратката во која Фреди Меркјури пишувал пред смртта се продава на аукција“

Тетратка на фронтменот на Queen, Фреди Меркјури, во која пишувал текстови од 1988 до 1990 година, на самиот крај од неговиот живот, ќе се продава на аукција.

Во тетратката со ракописот на Меркјури се напишани текстовите (целосни или делумно) на 19 песни, меѓу кои и Too Much Love Will Kill You и The Show Must Go On.

Меркјури и Queen ја снимиле The Show Must Go On само шест недели пред неговата предвремена смрт, на 45-годишна возраст во ноември 1991 година.

„Тоа е значаен документ од тоа време, но се сетив и дека е сведошство за креативната енергија во бендот“ вели Стивен Мејкок од агенцијата за аукции Bonhams, за Guardian.

„И покрај неговата болест и сè поголема кревкост, идеите сè уште биле таму. Неговата изведба на тој последен албум е извонредна, со оглед на тоа колку бил болен, неговите вокални моќи на некои од песните се извонредни“, додава Мејкок.

Тетратката ќе се продава на аукција на Bonhams на 29 јуни, а проценетата вредност и е меѓу 50000 и 70000 фунти.

„Има многу колекционери за кои сум сигурен дека ќе сакаат да ја имаат, бидејќи е многу лична. Ја имал со себе речиси три години. Ти дава навистина блиска врска“, вели Мејкок.