Тетовци побараа изградба на читална

Иако со години ја најавуваат локалните власти, изградбата на јавна читалната во Тетово е се уште сон за тетовци. Поттикнати од ваквата состојба,  група од повеќе граѓански активисти одлучија да покренат иницијатива за јавна читална во Тетово.

Тетовци побараа изградба на читална

Вчера, симболично пред Центарот за култура „Иљо Антевски Смок“ се реализираше еднодневен настан во рамките на проектот Плоштад слобода – „Граѓански активатор“. Се собраа поголем број активисти, професорите читаа стари книги со активистичка содржина, а присутните дебатираа за проблемите во градот.

Наташа Петровска – професор по македонски јазик и литература смета дека формирањето јавна читална во Тетово е потребно за сите граѓани.

„Иако имаме голема библиотека, во Тетово недостасува јавна читална каде што секој би можел да го искористи своето слободно време и да прочита некоја книга. Апелираме до институциите да го решат овој проблем и да се подигне свеста кај граѓаните за читање на книги,“истакна Петровска.

И граѓаните на Тетово сакаат јавна читална. Тие за Радио МОФ велат дека е потребно едно вакво, заедничко место за читање.

„Јас сум повозрасен жител на Тетово и можам да кажам дека читална немало никогаш во Тетово“ – вели тетовецот Зоран Богоевски укажувајќи дека читалната е битна за едукација на најмладите, како место каде што ќе можат да се собираат и заеднички да се дружат.

Иницијативата за јавна читална во Тетово се прави во соработка со иницијативата Живи библиотеки:архиви на граѓанската непослушност, која пак се базира на препрочитување на критичка литература во конкретен локален политички контекст. Преку ваквите настани активистите се обидуваат да влијаат на подигнување на свеста на граѓаните од Тетово за искористување на старите и неискористени книги кои можат да се подарат и да се оживеат, препрочитаат и да се извлече конструктивна поука од нив за општественото делување во заедницата.

Б.К.