Тетовци едногласни во желбата за нов спортски центар

Со настанот Рестарт кој се одржа во Центарот за балканска соработка Лоја во Тетово, тетовци побараа да се оживее спортскиот центар во нивниот град.

Тетовци едногласни во желбата за нов спортски центар

Настанот започна со фото – изложба од 15 фотографии на кои беше прикажана лошата инфраструктурна состојба на спортскиот центар. Во вториот дел од настанот се проектираше краткометражниот филм „РЕСТАРТ“. Љутфи Мурати и Марија Зафировска како актери во филмот ја искажаа желбата на младите за нов спортски центар. Краткометражниот филм беше во режија на Глигор Кондовски.

По проекцијата на филмот со присутните гости на настанот се отвори дебата за проблемот која ја водеа Зоран Јовановски – новинар во ТВ Менада и Светлана Силјановска – поранешен спортист.

„Условите за работа на тетовските спортисти се ужасни, потребно е што по скорешно реновирање на спортскиот центар“, истакна Светлана Силјановска која е поранешен првенец во атлетика на Македонија.

Присутните гости посочија дека локалните и централните институции се најодговорни за лошата состојба на спортскиот центар. Со години овој центар е препуштен самиот на себе и постепено се уништува, заклучија тетовци. Тоа го потврдија и присутните спортисти на настанот, кои како најзасегнати побараа итна реконструкција на спортскиот центар.

Тетовци едногласни во желбата за нов спортски центар

Присутните на настанот побараа и младите и возрасните да се мобилизираат во оваа инцијатива. Предложија со протестен марш и петиција со собирање на потписи поактивно да се лобира кај надлежните институции за решавање на долгогодишниот проблем, а локалната самоуправа под чија што надлежност е спортскиот центар да се заложи за поскорешна реконструкција на уништениот спортски центар.

На настанот присуствуваа средношколци, студенти, млади, претставници од НВО, спортисти, претставници од политички партии, новинари, граѓани на Тетово. Настанот го организираше Младински образовен форум – Тетово, а го реализираа членовите на Медиа/арт клубот на МОФ.

Во продолжение може да го погледнете и видеото снимено за поддршка на овој настан:

Текст: Бобан Костадиновски

Видео: Глигор Кондовски