[Призма] Тетовско Селце – Универзитетски град

Во Македонија сè уште циркулираат фалсификувани дипломи што успеале да се провлечат незабележано, а со нив некои луѓе без труд и мака си обезбедиле подобра иднина, објави Призма.

Тетовско Селце – Универзитетски град

Фалсификувани дипломи од Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) се продавале „на кило“ во тетовското село Селце. Во ноември, минатата година, Министерството за внатрешни работи (МВР) во куќа откри мини-работилница, во која се изработувале лажни дипломи. Жител на селото, на возраст од 30 години, во подрумските простории „штанцал“ факултетски уверенија и им ги продавал на италијански државјани. Најголем дел од дипломите го носеле називот на Факултетот за медицински науки при Државниот тетовски универзитет.

Кога дипломите биле готови, со ставен потпис и печат, фалсификаторот ги носел на превод кај овластен преведувач, а потоа ги заверувал кај нотар. Така, тој успеал да протне 6 уверенија, но кога стасале на ред следните 16, нотарот се посомневал во нивната оригиналност и случајот го пријавил во полиција. Во работилницата на фалсификаторот, МВР пронајде фотографии од лица од Италија, документи за Хрватска и две тетратки со списоци на потенцијални „академци“, „дипломци“, „доктори“. Истрагата треба да покаже дали селанецот од Селце бил сам во бизнисот или во шемата се вклучени и луѓе однатре.

– Истрагата за овој случај е сè уште во тек. Приведени се неколку лица и се преземаат дополнителни мерки и дејствија за докажување на сите дипломи и документи што биле незаконски изготвени и фалсификувани и за пронаоѓање на сите лица коишто ги злоупотребиле овие документи, изјави за БИРН, портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, иако најави засилени контроли на високообразовните институции, не е посебно загрижен по последниот случај во Селце, оти, според него, тоа не е организиран криминал и фалсификатите биле наивно изработени.

– Конкретниот случај го квалификувам како недораснатост и израз на глупост на тој што се обидел да го направи. Беа фалсификувани дипломи на Факултетот за медицински науки, а првата нелогичност е што тој факултет никогаш не издал диплома, затоа што студиите по медицина се активни нешто повеќе од три години. Второ, самата диплома беше очигледен фалсификат. Беше употребен стар печат, значи сите работи беа провидни – вели Ристовски за БИРН

Но, сепак, ова не е прв откриен случај на фалсификување на дипломи поврзан со Тетовскиот универзитет. Во 2006 година, СВР Тетово поднесе кривична пријава против три лица и тоа две девојки од тетовското село Нераште, но и за генералниот секретар на ДУТ. Вработениот на универзитетот на двете осомничени им издал дипломи од Факултетот за хуманистички науки и уметност при ДУТ, иако тие сè уште ги немале завршено студиите.

БИРН побара одговор од Државниот тетовски универзитет за сите досегашни случаи на фалсификување на документи, за начинот на кој Универзитетот се справува со овој криминал, како и за истрагата за последниот случај во Селце, но одговор не добивме. Она што сега МВР го проверува е дали обрасците на кои се печателе дипломите се оригинал или пак и тие ги изработувал самиот. Оти ако се докаже првата претпоставка, тогаш во овој црн бизнис биле инволвирани структури од ДУТ. Истовремено случајот го истражува и италијанската полиција за да ги открие лицата кои купиле фалсификат дипломи од Селце и да спречи тие дипломи да минат низ системот на легализација во Италија.

Наплив на фалсификувани дипломи од Бугарија

Првпат Македонија сериозно се соочи со проблемот со фалсификувани дипломи во периодот помеѓу 2000 година и 2001. Тогаш се појавија куп фалсификувани бугарски дипломи како и дипломи од Косово. Најголем дел од нив беа откриени на Економскиот факултет во Скопје, каде што чекаа нострификација. Но, подоцна се докажа дека наводните дипломци во Бугарија, не само што не го завршиле соодветниот факултет, туку воопшто и не биле запишани како студенти. По 14 години, од денешна временска дистанца, професорот Ненад Новковски, кој тогаш беше министер за образование, вели дека и до ден-денес има многу нејасни ситуации за скандалот со фалсификуваните дипломи.

– Многу пати се зборуваше дека во Ќустендил има печатени фалсификувани дипломи. Кога зборував со одредени колеги од тие институции, на чие што име беа водени такви дипломи, тие ми велеа дека се работело за неовластено користење на печатот на институцијата од страна на лица вработени кај нив. Поточно станувало збор за некои секретарки. Тоа беа објаснувањата – се сеќава Новковски.

Случајот тогаш доби и политичка димензија. Тогашното раководство на Економскиот факултет побара одговорност од министерот Ненад Новковски бидејќи не ги спровел законските обврски за регулација на нострификацијата. Во групата лажни академски граѓани се шпекулираше и со имиња на политичари и на бизнисмени, кои наместо да загреат столче и да учат, тие со купена диплома сакале посилно да ја зацементираат функционерската фотелја. Опозицијата бараше оставка од министерот, а Новковски и деканот на Економски факултет Шуклев, си ја префрлаа одговорноста кој е виновникот, оти наеднаш се појавиле над 200 сомнителни дипломи.

– На почетокот имаше голема пратка која беше доставена до МВР, а се работеше за дипломи од поранешна Југославија, поточно од Косово, а подоцна и дипломи од Бугарија. Според сите сознанија се работеше за тоа дека дипломите се водеа во соодветни институции под одредено бројче како да се работеше за завршени студенти“, вели Новковски.

Како што се појави наеднаш и бомбастично, така овој случај стивна и не доби никаква завршница. Ни истражна, ни судска, ниту беше откриен каналот по кој фалсификуваните дипломи од Бугарија и Косово стигнаа на македонските факултети.

Поранешни и сегашни службеници во Министерството за образование за БИРН вака го објаснуваат патот по кој доаѓале дипломите од Бугарија во Македонија. Дипломата морала да мине низ сите филтри, па така во овој организиран криминал се вклучени луѓе од повеќе институции и во Бугарија и во Македонија. Цената на една диплома се движела од 2.000 до 4.000 евра. Дел од парите се плаќале во Софија, дел во Скопје. Откако ќе се плател целиот износ, тогаш во Софија се заверувала дипломата во матичните книги, а во Скопје без проблем минувала низ процесот на нострификација. Пари на рака, диплома без мака.

Но, ако ова било можно пред десетина години, актуелниот министер за образование уверува дека сега нема шанси да мине незабележано фалсификувана диплома.

Прочитајте ја целата истражувачка сторија за фалсификуваните дипломи на Призма.