Тетовските средношколци во посета на Основен суд – Тетово

Група од педесет средношколци од повеќе средни училишта во Тетово, денеска беа во посета на Основниот Суд Тетово за да се запознаат со работата на судот и да присуствуваат на рочиште за кривична постапка.

Основен суд Тетово

Судењето кое го следеа средношколците беше од областа кривична постапка, односно за прекршување на законот за неовластено организирање  игри на среќа. На рочиштето обвинетиот за казненото дело, побара одложување на рочиштето бидејќи неговиот адвокат кој го застапува не беше од оправдани причини присутен на рочиштето.

Откако заврши предметот, присутните средношколци  разговараа со судијката за текот на процесот и за се на што нив ги интересира, а се однесува на работата на судството. Судијката накратко го објасни започнатиот процес и напомена дека за ова кривично дело е предвидена затворска казна во траење од 3 до 15 години и парична казна.

Средношколците се интересираа и за работата на судот. Работата на судот е јавна, освен кога со закон е предвидена забрана за јавноста, истакна судијката и ги повика средношколците почесто да го посетуваат судот, но не во својство на обвинети.

Средношколците изразија благодарност што имаа шанса подетално да се информираат за работата на судот. Посетата беше организирана од МОФ центарот од Тетово, а присуствуваа членовите од клубовите по дебата и „Учиме право“. Оваа посета е во насока на зголемување на соработката  и интеракција помеѓу младите и институциите.

Бобан Костадиновски