Тетовските средношколци на протест поради загадувањето на воздухот

Средношколците од паралелките на македонски јазик во Тетово се собраа на протест во знак на револт поради загадувањето на воздухот, пишува Нова Македонија. Од градскиот плоштад, учениците протестно маршираа до зградата на општината.

„Нашата општина со неколку десетици илјади жители веќе повеќе години се наоѓа прва на ранг листите кога е во прашање индексот на загадување, рамо до рамо со градови кои имаат по неколку милиони жители, а уште потрагичен е и фактот потврден со научната студија изработена од докторите од Републичкиот центар за јавно здравје и Медицинскиот факултет во која се констатира дека дури 38% од смртните случаеви во Тетово се резултат на аерозагадувањето“, стои во нивниот апел. 

Учениците претходно испратија ултиматум до надлежните – во рок од 7 дена ако не бидат имплементирани конкретни краткотрајни мерки кои значително ќе го ублажат аерозагадувањето, како и долготрајни мерки кои ќе го превентираат истото во иднина ќе следи бојкотирање на наставата.