Тетовските наставници од СОНК утре ќе протестираат

Утре (4 февруари) со почеток во 13:00 часот на градскиот плоштад во Тетово, членовите на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) од Тетово ќе излезат на мирен протестен марш. Како што велат од регионалната канцеларија на СОНК, тие се незадоволни од неисполнувањето на барањата и поради тоа утре ќе излезат на протест.

„Целта на утрешниот протест е да покажеме дека ние сме истрајни во нашите барања и дека навистина штрајкуваме“ – изјави претседателот на СОНК во Тетово Ќирко Аксоски, кој потенцира дека очекуваат сите членови на СОНК од Тетово да се приклучат на протестот и да го искажат своето незадоволство.

Во Тетово веќе трета недела се штрајкува во најголем дел од средните училишта. Како што информираат од СОНК, кон штрајкот минатата недела се приклучиле дел од наставниците од основното училиште „Гоце Делчев“.

СОНК за во петок најави генерален протест на централно ниво, на кој ги повика да се придружат сите граѓани, асоцијации, здруженија, пленуми, студенти и родители.