Тетовските гимназијалци привремено ќе учат во старото медицинско училиште

Советот на родители се премисли и го прифати првично одбиениот предлог за тетовските гимназијалци привремено да следат настава по македонски јазик во двата објекти на старото медицинско училиште. Овој простор моментално се реконструира, а средношколцитe ќе продолжат да учат откако тој ќе биде оспособен.

Општинарите очекуваат зафатите да траат две недели. Работите се одвиваат фазно – прво да се заврши едниот, па ќе почне обнова и на вториот објект од старото училиште. Таму по потреба би биле префрлени дел од паралелките.

„Ангажирани се неколку компании кои работат на подготвување на училиштето. Се надеваме дека во најкраток времески интервал тоа ќе го завршат и ова привремено решение што ние го предложивме, а што беше прифатено од родителите ќе влезе во функција и учениците во овој временски интервал ќе бидат сместени во тој објект“, рече раководителот на Секторот за јавни дејности од општина Тетово, Ахмед Ќазими.

Паралелно, општинската администрација работи и на административна процедура за издавање дозвола за надградбата на централната зграда од гимназијата. На ова гледаат како на трајно решение за интегрирана настава на гимназијалците, а очекуваат и средства од Министерството за образование и наука.

Инаку, револтираните тетовски гимназијалци периодов протестираа, бојкотираа настава бидејќи општината ги принудува и оваа година да учат во Работничкиот универзитет. Овие простории се неприфатливи за гимназијалците, па својот револт го искажаа и преку „настава“ на отворено – на плоштадот. Моментално, додека не стигне следното решение, следат скратени предавања во импровизирани услови во големата сала на општина Тетово.