Тетовските гимназијалци повторно одбиени – од утре одат да учат во Општината

Бидејќи немаат каде, родителите и професорите на тетовските гимназијалци од македонските паралелки најавија дека утре учениците ќе дојдат на настава во зградата на општина Тетово. Оваа одлука следува откако и вториот ден протести заврши без задоволителен одговор од надлежните институции.

Околу 250 гимназијалци и денеска симболично ја почнаа наставата на тетовскиот плоштад, па тргнаа на протестен марш и влегоа во зградата на Општината со барање градоначалничката Теута Арифи да им каже каде утре да дојдат на настава. Нивното барање останува исто  – настава во матичната гимназија и притоа не прифаќаат ново привремено враќање во несоодветните простории на Работничкиот универзитет, кое како решение го нудат локалните власти.

mars-gimnazijalci-3

Гимназијалците, родителите и професорите остварија средба со претставници на општината и директорот на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. На средбата, дел од родителите кажаа како имаат чувство дека „некој некого лаже“ во процесот. Од надлежните повторно беше соопштено дека барањето на гимназијалците да се вратат во централниот објект на гимназијата во настава во три смени е незаконско. На средбата не се појави градоначалничката Арифи.

„Сите државни органи велат дека ќе се оди на брзо решавање на проблемот. Привременото решение кое го нудиме останува Работничкиот универзитет и еден од двата објекти на старото медицинско училиште“, повтори и денес Ахмед Ќазими од Секторот за образование на Општина Тетово.

mars-gimnazijalci-2

Околу 250 гимназијалци од македонска настава со години настава следат привремено во објекти на други установи, во лоши услови, чекајќи ја долго ветуваната доградба на централниот објект на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ која и гимназијалците и надлежните ја гледаат како единствено долгорочно решение за проблемот.