Тетовските гимназијалци од македонските паралелки сè уште немаат каде да учат

Тетовските гимназијалци од македонска настава сè уште не го одржале првиот час од новата школска година. Засега немаат ни најава кога ќе почнат со настава.

Не се реализира договорот, кој минатата недела, по протестот, го постигнаа родителите на гимназијалците и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, со кој учениците требаше да се вратат во централниот објект на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

Родителите на гимназијалците реагираат поради неисполнувањето на договореното и бараат проблемот да биде решен што поскоро бидејќи одолговлекувањето е на штета на сите.

„Ако не се најде решение како што беше договорено на тој широк состанок, децата немаат услови да одат на настава. Проблеми претпоставувавме дека ќе се случуваат бидејќи е тешко и комплицирано да организирате настава во три смени со скратени часови. Сега треба поголемо ангажирање на Владата со соодветните министерства, бидејќи од градоначалничката Теута Арифи и директорот на Гимназијата добивме уверување дека тие се расположени проблемот да се реши што побрзо“, вели Томислав Стојановски, од советот на родители.

Според директорот на Гимназијата, Намикќамил Мустафа, уште се бараат технички услови сите ученици да следат нормална настава, без три смени, скратени часови и губење на квалитетот на наставата.

Околу 250 тетовски гимназијалци од македонска настава веќе неколку години се привремено сместени во објекти со лоши услови за настава. Во меѓувреме властите ветуваа, но никогаш не беше реализирана, доградба на централниот објект на Гимназијата како трајно решение за нивните проблеми.