[Фото] Тетовски артивисти „казнуваа“ непрописно паркирани возила

Еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Тетово е сообраќајниот хаос. И покрај воведувањето на зонското паркирање, тешко се наоѓаат слободни паркинг места.

Поради оваа ситуација, група млади активисти од градот спроведоа акција во која преку налепници на автомобилите ги „казнуваа“ погрешно паркираните возачи со пораки како: „Треба да научите како да паркирате“ и „Се надеваме мислевте дека е казнен билет“.

Од групата Арт активизам – Тетово, кои ја организираа акцијата, велат дека акцијата ја организирале поради сообраќајната несовесност, но и поради неактивноста на сообраќајната полиција.

„На двата главни булевари во Тетово, „Илирија“ и „Илинденска“, сообраќајот се одвива на половина од коловозната лента поради паркираните комби такси превозници и други возила со што метежот во сообраќајот во овие улици станува се’ поголем. Покрај недостигот на паркинзи, значителен проблем за оваа состојба е и несовесноста кај дел од возачите, кои, на пример, со години паркираат на пешачката зонат на самиот плоштад. Сообраќајната полиција не презема мерки за погрешно паркираните возила на тротоари или двојно паркирани возила. Затоа, нивната улога ја преземаа група активисти од Тетово кои на лошо паркираните возила им поставија “казнени билети“ со цел за зголемување на свеста кај возачите и со апел да се внимава на безбедноста на граѓаните и пешаците чии простори за движење се узурпирани од непрописно паркираните возила“, велат од од артивистичката група.

Покрај предупредувањата, активистите поставија и пофалници на оние возила кои се прописно паркирани со цел да ги поддржат и истакнат совесните возачи.

Во продолжение погледнете фотографии од дел на возилата кои биле казнети во нивната акција: