Тетово за првпат добива јавен превоз – „Тетово транспорт” ќе вози по три линии

Со пет автобуси кои ќе возат на три градски линии Тетово за првпат ќе добие градски јавен превоз, откако денеска беше промовирана инвестицијата вредна 720 илјади евра.

Градоначалничката на Општината, Теута Арифи, посочи дека автобусите ќе бидат предадени на користење на локалното јавно-транспортно претпријатие “Тетово транспорт” и дека јавниот превоз треба да започне многу скоро.

„Паралелно, ги изградивме автобуските постојки вертикална и хоризонтална сигнализација и интензивно ќе работиме на едукација на граѓаните дека со користење на градски превоз, не само што избегнуваме застој во сообраќајот, туку и придонесуваме за подигнување на свеста и еколошката заштита на градот и општината“, вели Арифи.

Планирани се три рути за одвивање на јавниот транспорт низ градот, кои ги опфаќаат главните артерии на градот во сите делови.

Првата рута е од автобуската станица на улица Борис Кидрич до Универзитетот на Југоисточна Европа.

Втората рута се движи по улиците Борис Кидрич, Иво Лола Рибар, Страшо Пинџур, т.ц. Мерџан, Илинденска, до Универзитетот ЈИЕ, улиците Љуботен, Киро Ристоски Дрнц, Ѓорче Петров, Браќа Миладинови, Булевар Видое Смилевски Бато, 29 Ноември, Благоја Тоска, Маршал Тито, Булевар Видое Смилевски-Бато и повторно завршува кај автобуската станица на улица Борис Кидрич.

Третата рута по улиците Борис Кидрич, Булевар Видое Смилевски Бато, Маршал Тито, Благоја Тоска, 29 Ноември, Булевар Видое Смилевски Бато, Браќа Миладинови, Ѓорче Петров, Киро Ристоски Дрнц, Љуботен, Илинденска, Универзитет ЈИЕ и се враќа по Илинденска до т.ц. Мерџан, улица Страшо Пинџур, Иво Лола Рибар, Благоја Тоска и завршува кај автобуската станица на улица Борис Кидрич. Со овие три рути, се покрива целата територија на градот Тетово.

Градоначалничката Арифи напомена и дека автобусите со кои ќе се врши градскиот превоз се прилагодени за лица со телесна попреченост, а го користат еколошкиот стандард ECO6, кој се користи во земјите на Европската Унија.

Средствата беа обезбедени преку проектот за подобрување на општински услуги кое Министерството за финансии го спроведува заедно со Светска банка.