Тетово и Неготино парите за новогодишно украсување ги пренаменија за борба со Ковид-19

Општините Тетово и Неготино се последните кои соопштија дека ќе се откажат од новогодишното украсување и парите ќе ги пренаменат за борбата со пандемијата од коронавирусот.

Оваа одлука на Општина Тетово ја потврдил претседателот на Советот, Беким Мемети, кој изјавил дека со ребаланс на буџетот средствата се префрлени за други инфраструктурни работи и справување со пандемијата во општината.

Градоначалникот на Општина Неготино, Тони Делков, пак, на Фејсбук напиша дека парите предвидени за новогодишните празници ќе бидат донирани за Ковид одделението во ЈЗУ „ Здравствен дом “ Неготино.

„Oваа одлука едногласно ја донесе Советот на општина Неготино на својата петнаесетта вонредна седница, со што Општина Неготино ќе донира 100.000 денари за потребите на Ковид дневното одделение во ЈЗУ „ Здравствен дом “ Неготино. Имено, Општина Неготино годинава ќе направи скромно украсување на градот со материјалите кои ги имаме набавено од претходните години, со што ќе придонесеме барем малку позитивно да се чувствуваат нашите граѓани во текот на Новогодишните празници“, соопшти Делков.

Претходно од парите за новогодишно украсување се откажаа и од Општина Куманово, кои пак средствата ги пренаменија за набавка на таблети за учениците за следење онлајн настава.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, вчера потврди дека ќе има новогодишно украсување на главниот град, со образложение дека тоа ќе биде направено за развеселување на најмладите жители.

Центарот за граѓански комуникации пресмета дека за дочекот на минатата 2020 година Градот Скопје и 20 други македонски општини потрошиле вкупно 675 илјади евра.