Тетовци дебатираа за лошите услови за живот

Во организација на Младински образовен форум – Тетово, како дел од иницијативата „Подобри услови за живеење на граѓаните на Тетово“ се одржа дебата на тема „За подобро Тетово“.

На јавната дебата, на која се зборуваше за проблемите кои ги засегаат тетовци, говореа: Аријанит ЏафериЕко Герила, Наим Илјази – регионален координатор на НМСМ и претставник на ЗГ ЦРУЈЖ, Олгица Аксоска – претседател на урбана средина „Мала станица“ и Ветон Азизи од Јавното комунално претпријатие „Тетово“. Четворицата говорници, секој од своја перспектива, ги прикажаа проблемите со кои граѓаните се соочуваат, но и начините како тие да се решат. За време на дебатата, присутната публика учествуваше во дебатата. Руинираните спортски објекти, загадувањето на воздухот, водоснабувањето, дивите депонии, се најголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Тие побараа локалната власт што поскоро да ги реши повеќегодишните проблеми.

Во вториот дел од настанот се организираше фото-изложба, на која беа претставени 30 фотографии од локални проблеми, дела на граѓаните. Фотографиите беа испратени на претходно објавен фото – конкурс.

Иницијативата „Подобри услови за живеење на граѓаните на Тетово“ се спроведува во рамките на проектот „Трансфер на знаење за политиките на ЕУ за намалување на разликите меѓу граѓанските организации од скопскиот и другите плански региони“ спроведуван од Македонскиот центар за европско образование, а финансиски поддржан од Civica Mobilitas.