Тетовци бараат обнова на Спортскиот центар, градоначалничката Арифи ветува

Група млади од Тетово, обединети во граѓанска иницијатива, денеска одржа мирен собир во градот, кој го нарекоа „ултиматум“ до општинските власти, да се ангажираат за обнова на руинираниот тетовски Спортски центар. Граѓаните велат дека доколку општината во следните две недели не започне со работа на обновата на Спортскиот центар, тие самите, со пари кои ќе ги соберат од спонзорства, ќе почнат да го обновуваат.

„Во наредните две недели, сите оние компании кои добиваа награди за општествена одговорност можат да очекуваат дека ќе им тропнеме на врата“, вели Александар Мановски од граѓанската иницијатива.

Градоначалничката Теута Арифи, која денес присуствуваше на примопридавањето на обновениот терен на Градскиот стадион во Тетово, вели дека граѓаните треба да бидат трпеливи, но и дека општината е подготвена да го обнови Спортскиот центар.

„Полека-полека, едно по едно. Денеска, ете како што гледате, по 20 години реновираме стадион. И таму, за жал, 20 години не е ништо направено, така да, ќе стигнеме и таму“, изјави Арифи.