Тесла, Ѓоковиќ, Путин, Вучиќ, Цеца и Стив Џобс – меѓу идолите на младите во Србија

Новак Ѓоковиќ, Никола Тесла, Светлана Цеца Ражнатовиќ, Владимир Путин, Анџелина Џоли, Александар Вучиќ, Јелена Карлеуша, Бил Гејтс, Зоран Ѓинѓиќ и Стив Џобс се личностите на кои младите во Србија им се восхитуваат и би сакале да бидат како нив. Сепак, најсилното влијание во животот на српската младина го имаат нивните родители, покажува студијата на агенцијата Меккен-Ериксон спроведена изминатите месеци меѓу младите на возраст од 16 до 29 години.

„Тие се врзани за своите родители, ја почитуваат жртвата што тие, како што велат, ја дале за нив, за нивните синови и ќерки да водат нормален живот“, објаснува психологот и менаџерка за аналитика и развој во агенцијата, Жељка Миќиќ.

Според неа, младите во Србија се рационални, знаат што сакаат во животот и се обидуваат да го пронајдат патот до својата цел. Успехот на професионален и приватен план е тоа што ги фасцинира кај одбраните познати личности.

„Важно им е семејството, го ценат бракот, но не во формална смисла, многу се амбициозни, сакаат сопствен бизнис, но во Србија немаат можности да ги реализираат своите соништа“, наведува Миќиќ.

Агенцијата дошла на идеја да организира изложба со која ќе им се даде можност на младите, не толку афирмирани уметници да се искажат.

Меѓу експонатите на изложбата ќе биде книга на социологот Макс Вебер со која е претставен премиерот на Србија Вучиќ, каталог со тетоважи на актерката Анџелина Џоли, а во видеопроектот на две девојки, наречен „Identical“, тие ја користат апликацијата Dubmash и изведуваат перформанс во кој отвораат уста на песните на Цеца Ражнатовиќ.