„Теско“ ја отстранува ознаката „рок на траење“ кај дел од производите

Ланецот супермаркети „Теско“ ја остранува ознаката „рок на траење“ од нивните свежи производи – потег со кој се надеваат дека ќе го намалат отпадот.

Супермаркетот ќе ја отстрани оваа ознака од речиси 70 отсто од неговите производи за да спречи фрлање на храната која според нив е безбедна за јадење.

Меѓу производите на кои ќе биде отстранета оваа ознака се: јаболката, компирите, доматите, лимоните, кромидот, како и други цитрусни овошја.

Ознаките „рок на траење“ покажуваат дека квалитетот на производот може да се влоши по дадената дата, додека ознаката „употребливо до“ покажува кога производот е помалку безбеден за користење.

„Знаеме дека некои корисници може да се збунети од разликата помеѓу ‘рок на траење’ и „употребливо до’, и ова може да доведе до отфрлање на храна која е сосема јадлива“, вели Марк Литл, шеф на одделот за храна во „Теско“.

Според него, овошјето и зеленчукот се меѓу најчесто фрлените производи од потрошувачите, иако повеќето ја игнорираат ознаката „рок на траење“.

„Многу потрошувачи ни кажаа дека ги одбираат овошјето и зеленчукот преку поглед, наместо да ја погледнат ознаката на пакувањето“, додава тој.

Од „Теско“ велат дека информацијата на ознаката ќе ги охрабри потрошувачите да донесат сопствена одлука за свежината на производот. Сепак, ова ќе се однесува само на производите кои се пакувани во кеси или кутии.