Тешки прашања од гевгелиските средношколци за унгарскиот амбасадор Ласло Дукс

Дали членството во Европската унија ќе донесе подобро образование во земјава, како влијае подемот на десницата и национализмот врз европското семејство, но и зошто Унгарија го прими екс премиерот Никола Груевски – ова се дел од прашањата кои му ги поставија гевгелиските средношколци на унгарскиот амбасадор Ласло Иштван Дукс за време на неговата посета на гимназијата „Јосиф Јосифовски“.

Амбасадорот истакна дека очекувал тешки прашања од средношколците. Унгарија, рече, е силен поддржувач на Северна Македонија. Затоа се надева дека одлуката на екс-премиерот Никола Груевски да биде примен од Унгарија нема да ги наруши пријателските односи.

„Кога станува збор за поранешниот премиер, тоа е одлука донесена од унгарските власти, а врз основа на унгарските закони. Амбасадата не беше инволвирана во ова прашање.

Сметам дека ова не треба да влијае врз соработката со Унгарија, бидејќи, на пример, ние ви бевме голема поддршка за интеграцијата во НАТО, за евроинтеграциите, имаме добри економски односи. Секако, разбираме дека дел од граѓаните не се среќни со оваа одлука на унгарските власти, но тоа не треба да влијае на нашата соработка“, рече амбасадорот Дукс.

Во однос на строгата политика која ја има неговата земја во однос на мигрантите, иако е дел од европското семејство, тој одговори дека причина за ваквата политика се лошите искуства со миграциите низ историјата.

„Унгарија има тврд став во однос на миграциската политика. Мислам дека генерално гледано за регионот ова не е добро и не треба да ја охрабруваме миграцијата. Иако во Брисел и Европската комисија има поразлични мислење, ова е тешко прашање. Но мислам дека генерално гледано, позицијата во 2019 ни е е многу поблиска од таа во 2015 година. Повеќе или помалку земји имаа отворена политика дека сите може да дојдат, но и такви како Унгарија кои сакаа да се одбранат. Но мислам дека сега сите сфаќаат дека миграцијата треба да е контролирана и треба да се знае кој доаѓа, и со која причина“, рече амбасадорот.

Во однос на образованието и евроинтеграциите, амбасадорот им порача на средношколците дека е добро да ги научат официјалните јазици кои се зборуваат во Унијата, но и да се интересираат за можностите во образованието кои се отвораат со Еразмус+ програмата. Според него, пограничните региони најмногу ќе профитираат од влезот во ЕУ.

„Мислам дека градовите кои се на границата, како Гевгелија, ќе имаат најголеми придобивки од влезот во Унијата. Тогаш границите, повеќе или помалку ги снемува“, рече амбасадорот кој како пример ги наведе жителите на Братислава кои купуват поевтини домови во Унгарија, или Словенците кои живеат во својата држава, а секојдневно одат на работа во Австрија каде не постојат гранични проверки.

На прашањето на средношколците дали ЕУ дава поддршка за спортски активности и за нови сали бидејќи учениците што вежбат ракометат немаат соодветно место за тренинг во Гевгелија, амбасадорот одговори:

„За студентите и тие што се бават аматерски со спорт постојат бројни ЕУ проекти. Јас не сум експерт во оваа област, не знам дали во моментов има актуелен проект за реновирање на салите, но ова ќе го пренесам на моите колеги во Скопје, за да посветат поголемо внимание“, рече амбасадорот Дукс.

Дискусијата во Гевгелија е дел од низата настани низ земјава каде младите ги споделуваат своите ставови и прашања и можат да добијат повеќе информации за начинот на кој функционира европското семејство.  Настанот беше организиран во склоп на Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

Ј.Ј.