„Тешка и мачна глетка на Водно“ – револт на граѓани откако продолжи градбата на гасоводот

Граѓани на социјалните мрежи вчера објавија повеќе фотографии од продолжувањето на градбата на гасоводот низ Водно.

Сергеј Дамовски, на својот фејсбук профил, објави серија фотографии насловени како „демолирање“ и информираше дека градежната механизација веќе го срушила сртот кај Бел Камен и дека е стигната пред брезовата шума.

„Граѓани на Скопје, од денес планината Водно не е веќе иста. Демолиран е сртот кај Бел Камен, штетата е непроценлива, тоа повеќе не може никако да се санира како што не лажат егзекуторите на Водно. Глетката е тешка и мачна“, напиша Дамовски.

Владата на последната седница одлучи да продолжи изградбата на гасоводот, а министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, изјави дека поради реакциите на граѓанските организации направени се промени во проектната документација со кои се намалува опфатот на дрвна маса и ширината на трасата на гасоводот.

Активистите од иницијативата „Го сакам Водно“, кои одржаа повеќе протести за алармирање на јавноста од опасностите од изградбата на гасоводот по сртот на Водно, остануваат на ставот дека се против изградба на гасоводот низ парк-шумата на Водно со аргументи дека подрачјето е заштитено, дека постојат алтернативни траси и дека има недоследности во документацијата за градба на делницатa.