Терористички напад врз две џамии во Нов Зеланд

Четириесет лица загинаа, а 20 се тешко повредени во терористички напад врз две џамии во Крајстчерч, кој се случи за време на попладневните молитви.

Три лица, од кои еден човек роден во Австралија, се наоѓаат во притвор.

Премиерката на Нов Зеланд Јасинда Ардерн го опиша како „терористички напад“, а австралискиот премиер Скот Морисон како „екстремистички, десничарски насилен терористички напад“.

„Ова е еден од најтемните денови во историјата на Нов Зеланд. Она што се случи овде е досега невиден чин на насилство“, рече Ардерн.

Крајстчерч сè уште е во вонредна состојба. Од полицијата информираа дека деактивирала неколку импровизирани експлозивни направи што биле закачени на моторни возила.

Во нападот настрадаа најголем број жртви од насилство со оружје во поновата историја на нацијата.

На социјалните мрежи, пак, се проширија видеа од пукањето, кои претходно биле пренесувани во живо од еден од сторителите.

Фејсбук, кој го пренесуваше во живо напаѓачот, соработува со полицијата на Нов Зеланд и ги избриша неговите профили.

„Полицијата е свесна дека има исклучително вознемирувачки снимки поврзани со инцидентот во Крајстчерч, кои кружат на интернет“, се вели во соопштението на полицијата. „Ние цврсто ќе побараме линкот да не се шерува. Се трудиме да ги отстраниме сите снимки“, стои во соопштението од полицијата.

Три најголеми интернет-провајдери на Нов Зеланд, Спарк, Водафон и Вокус, објавија дека го блокираат пристапот на корисниците до трите веб-страници лоцирани надвор од земјата што сè уште ја пренесуваат снимката во живо од нападот.