Терористички напад на универзитет во Пакистан, убиени најмалку 20 луѓе

Пакистанските безбедносни сили ставија крај на терористички напад кој се случи утрово во универзитет Бача Кан во северозападниот дел од земјата. Најмалку 20 луѓе починаа, а двојно повеќе се повредени. Покрај студенти, меѓу починатите има и професор, две жени, два чувари и еден полицаец.

Полициската акција против напаѓачите траела три часа, откако група милитанти на талибантската група ги нападнала студентите и професорите. Странските медиуми подоцна јавија дека четирите напаѓачи починале во пукотницата.

Командирот на талибантската група Умар Мансур изјави дека нападот претставува нивен одговор на воената офанзива против милитантските опоришта. Меѓутоа, главниот портпарол на групата Мухамед Коросани подоцна изјави дека Талибанци не биле вклучени во нападот.

Според извештаите на светските медиуми, нападот се случил додека студентите имале предавања, па за да избегаат некои од нив скокале од прозорци. Внатрешноста на универзитетот е исполнета со крв и тела, велат студентите кои биле присутни за време на нападот.

Минатата година, јавноста во Пакистан беше потресена откако членови на истата милитантска група го изведоа најголемиот масакр во училиштето во Пешавар, кога загинаа повеќе од 130 деца.