Тери Гилијам преку Фејсбук бара „победнички“ постер за „Човекот кој го уби Дон Кихот“

Монтипајтонецот Тери Гилијам преку својот Фејсбук-профил почна да објавува предлог постери од своето последно остварување „Човекот кој го уби Дон Кихот“.

Додека филмот почна да се шири низ светот, режисерот бара од неговите речиси 500.000 следбеници да дадат мислења и критики на различни дизајни. Гилијам најави дека ќе состави „гласачко ливче“ со сите предлози и следбениците ќе можат да го изберат победничкиот постер.

Инаку, „Човекот кој го уби Дон Кихот“ беше прикажан на фестивалот во Кан, а Гилијам почна да го прави уште од 1989. По голем број одложувања, филмот доби статус на една од најнесреќните продукции во филмската историја – претрпе одложувања поради поплава на сетот, прелетувања на авиони во текот на снимање, проблеми со финансии и осигурување, смрт на главниот актер… Гилијам седум-осум пати безуспешно пробуваше повторно да го активира проектот, а неговите епски напори станаа тема на документарецот „Загубен во Ла Манча“.

Последно, поранешниот продуцент Паоло Бранко покрена судски спор во април годинава за да го спречи прикажувањето на филмот, тврдејќи дека неговата компанија „Алфама“ ги има правата.

Во филмот играат Адам Драјвер, Џонатан Прајс, Стелан Скарсгард, Олга Куриленко и Џоана Рибеиро.

Во прилог, дел од предложените постери: