Тенка е границата меѓу говор на омраза, клевета и навреда

Kога станува збор за конфликт меѓу две права како што е правото на слобода на изразување и заштитата на угледот и честа, домашните судови се тие што треба да го направат тој баланс и да утврдат во дадените околности каде треба да превагне заштитата.

Тенка е границата меѓу говор на омраза, клевета и навреда

Но, тој баланс судиите во Македонија најчесто го прават погрешно, изјави владиниот агент за Македонија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур Костадин Богданов на трибина на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, насловена „Правните аспекти на говорот на омраза на интернет“, објави Радио Слободна Европа.

Тој додава дека затоа и се држат обуки на судиите за новиот закон за клевета и навреда за вистински да го направат балансот како што тоа го прави Европскиот суд за човекови права.

„Согласно праксата на судот, секогаш кога за едно прашање постои широк јавен интерес, или кога станува збор за странки или лице кое се смета за навредено и наклеветено е јавна личност, тогаш маргината на уважување од страна на државата е многу помала, значи дека тука државата на некој начин треба помала заштита да им даде, во такви случаи да биде прослободата на изразување, односно да ја штити слободата на изразување, отколку честа и угледот на одреден поединец“, вели Богданов.

Тој додава дека во Македонија сè уште се високи казните во новиот закон за граѓанска одговорност каде се предвидува максимална казна до 27 илјади евра, а пракса е сите апликанти коишто се жалат дека се наклеветени да бараат максимална казна.

Предмети против Македонија за говор на омраза во моментов судот во Стразбур нема, но што е уште почудно нема ниту предмети каде што луѓето се жалат дека им е ограничена слободата на изразување, иако во изминативе две-три години слушаме дека луѓе се закануваат оти ќе одат до Стразбур за да ја барат правдата поради повредата на тоа право, вели Богданов.

„Предмети ние такви во работа сè уште немаме, најмногу од причина, неформално колку што имам информација е дека некои предмети кои што стигнале на времето, а мислам дека тука беше и жалбата на професорот Фрчкоски меѓу нив биле отфрлени затоа што не ја искористиле уставната иницијатива кај нас, пред Уставниот суд, затоа што судот во Стразбур, нашиот Уставен суд го смета како последно ефикасно правно средство за заштита на слободата на изразување“, вели Богданов.

Границата меѓу говор на омраза, клевета и навреда е тенка, тврдат правниците. Професорот Драги Раштаковски смета дека говорот на омраза во Македонија е претежно на етничка основа и дека интернетот е само инструмент за сеење на тој говор.

„Да бидеме објективни, сите си хејтаме на социјалните мрежи. Интернетот сам по себе не шири омраза. Тоа е создаден медиум, ни Бил Гејтс не е виновен. Тоа е исто како да кажете дека некој пат е создаден за сообраќајки. Бројката на хејтери на интернет не е драстично голема. Хејтањето како индивидуално и забавно не е страшно, но прашање е дали прераснува во говор на омраза и што предизвикувате со тоа. Дали Даниел Кајмаковски пеел добро или не, не е говор на омраза“, вели Рашковски.

Претставникот од мисијата на ОБСЕ во Македонија, Томе Шекерџиев, истакна дека говорот на омраза е мотивиран од предрасуда и дека може да прерасне во криминал од омраза.

„Говорот на омраза и криминалот од омраза се поврзани затоа што нешто што може да започне од обична навреда што не е говор на омраза, може понатаму да се реплицира на социјалните мрежи, па да стане говор на омраза, и тој говор на омраза, може да излезе на терен и да премине во криминал од омраза, тука станува збор за конфликти и повреда на телесен интегритет, но и за оштетување на имот“, вели тој.

Концептот говор на омраза е алатка со која демократските општества се справуваат со определен вид на предрасуди – во однос на раса, етничко потекло, јазик, вера, хендикеп, пол и сексуална ориентација. Како говор на омраза не треба да се третираат сите други омрази што циркулираат во јавниот етер, сметаат правниците.

Прв и единствен предмет во кој што е инволвирана Македонија, а завршил во Стразбур, предметот на Руфи Османи во 2001 година кога Судот за човекови права, разгледувајќи ги сите околности на случајот утврдил дека не му било повредено правото на слобода на изразување, ниту слободата за јавно собирање, затоа што настаните, односно немирите во Гостивар во јули 1997 година, биле директна последица на неговиот говор.

Извор: Радио Слободна Европа