„Темплум“ го објави првиот зборник текстови за попреченост на македонски јазик

Издавачката куќа „Темплум“ информира дека неодамна го објави зборникот „Попреченост: текстови за инвалидните тела“, прв од ваков тип на македонски јазик. Книгата е објавена во едицијата теорија „20/21 Век“.

Според издавачот, книгата пренесува пет влијателни есеи од областа на „студиите за попреченост“ и, во вториот дел, дваесетина кратки есеи за телото.

Уредникот Никола Гелевски во предговорот пишува дека книгата има за цел да го поттикне знаењето за попреченоста кај нас, сметајќи дека интелектуалното знаење за попреченоста пред сè ќе им овозможи подобро место во општеството на луѓето со попреченост. Воедно, овие текстови и кај пошироката заедница треба го приближат знаењето за попреченоста, со што ќе се поттикнат емпатијата, солидарноста и вклученоста во општеството.

Во еден од застапените есеи, Ленард Дејвис, светски познат стручњак во студиите за попреченост, го истакнува фактот дека лицата со инвалидитет сочинуваат 15 проценти од населението – најголемо физичко малцинство во многу земји. Според него „податокот дека најверојатно многумина од телесно неоштетените денес ќе станат оштетени утре“ го повлекува прашањето:

„Зошто инвалидноста не е препознаена како потенцијално универзална состојба? Иако таа навистина е тоа“.

„Овој мал зборник за попреченост сака да биде, значи, ем интелектуален резервоар на клучните идеи за попреченоста, ем поттик за развој на активизмот на луѓето со попреченост кај нас. На активизмот многу често му се потребни рефлексии и промислувања, за да фати чекор со поширокото опкружување, но и за подобро да се разбере самиот себе“, стои во предговорот.