Температурата на Антартикот за прв пат се качи над 20 степени

На Антартикот за прв пат е регистрирана температура над 20 Целзиусови степени, што предизвика стравување од климатска нестабилност во најголемото складиште за мраз на светот, објави Гардијан.

20,75-те степени евидентирани од бразилски научници на островот Сејмур на 9 февруари  се речиси еден степен повисоки од претходниот рекорд од 19,8 степени, регистрирани на островот Сигни во јануари 1982 година.

Овие записи треба да бидат потврдени и од Светската метеоролошка организација, но тие се во согласност со поширокиот тренд на полуостровот и околните острови, кои се загреале за скоро 3 степени од времето на прединдустриската ера. Ова е една од најбрзите стапки на затоплување на планетата.

Научниците, кои собираат податоци од далечински станици за набљудување на секои три денови, го опишаа новиот рекорд како „неверојатен и абнормален“.

„Го гледаме трендот на затоплување на многу од местата кои ги следиме, но никогаш не сме виделе вакво нешто“, рече Карлос Шафер, кој работи на „Терантар“, бразилски владин проект кој ги мониторира климатските промени врз геологијата и биологијата на 23 локации низ Антартикот.

Шафер рече дека температурата на полуостровот, на Јужен Шетланд и архипелагот Џејмс Рос, во чиј состав е и Сејмур, е непостојаа во последните 20 години.

По ладењето во првата деценија на овој век, таа брзо се загрева.