Темната страна на јапонската аниме индустрија

Преминот од дваесеттиот кон дваесет и првиот век, меѓу другото, го означи и почетокот на популаризирање на аниме – цртаните филмови во западниот свет.

„Покемон“, „Сеилор Мун“ и многу други беа водечки шоуа. Во периодот помеѓу 2002 и 2017 година јапонската аниме индустрија генерираше повеќе од 19 мијарди долари годишно. Но, надворешниот успех на анимето ја крие вознемирувачката економска реалност: многу аниматори банкротираат, се соочуваат со ужасни услови за работа што доведуваат до психички проблеми, истоштеност па дури и самоубиство.

Тензијата меѓу безмилосната индустрија и уметничкиот идеализам на аниме ги принудува креаторите да бидат експлоатирани заради уметноста, без решение на видик.

Проблемот започнува со тоа што аниме филмовите се цртаат рачно. Ова бара, не само исклучителен талент, туку и долга и макотрпна работа. Ова резултира со навистина мал број квалификувани работници за оваа работа.

Студијата решението го наоѓаат во „фриленс“ артисти. Тие ги цртаат сцените и потоа ги предаваат на продукциските куќи кои ја формираат целата приказна.

Просечната плата на овие уметници е околу 2 долари од нацртана сцена. Меѓутоа времето кое е потребно за да се заврши една сцена е повеќе од еден час. А условите за работа се ужасни. Голем број аниматори често спијат над бирото, завршуваат хоспитализирани и се соочуваат со разни проблеми поврзани со нивното ментално здравје.

Дел од причините зошто студијата користат „фриленс“ аниматори е тоа што така немаат потреба да го почитуваат кодот за однос кон работната сила. Бидејќи тие се независни обврзници, компаниите можат да им даваат прекратки и исцрпувачки рокови без притоа да обезбедат какви било бенефиции.

„Проблемот со аниме е тоа што е потребно премногу долго време за да се направи”, рече Закоани, аниматор во Студио Јураки и Дуга Кобо. „Исклучително е прецизно и детално. На една сцена работат три до четири аниматори. Јас ги создавам грубите цртежи, а потоа двајца други тоа го проверуваат. Потоа се враќа назад кај мене за да го исчистам. Потоа се праќа на други лица кои ги прават финалните цртежи. ”

Според статистиките од Јапонската Асоцијација на Аниматори, еден аниме артист во просек заработува околу 10,000 долари годишно во 20-тите години од животот, а околу 19,000 долари годишно во 30-тите. Границата на сиромаштија во Јапонија е 20,000 долари годишно.

Оваа структурална нееднаквост во аниме индустријата датира уште од раните 60 ти години на минатиот век. Осаму Тезука е автор на „Астро Бој“ и креатор на безброј други манга книги, стрипови, аниме цртани.

Токму тој во 1960-тите години, кога ниедно студио не сакало да започне со емитување на анимирани аниме серии, ја продал својата креација за значително ниска цена. Тој целосно го обезвреднил своето дело со цел тоа да почне да се емитува. Огромните загуби планирал да ги пополни со продавање брендирани играчки, облека и сл. Иако оваа ситуација сепак завршила успешно за него, односно успеал на овој начин да направи профит, таа ги става во статус кво останатите аниме креатори.

Денес, кога студијата го планираат буџетот за одредено шоу, тие имаат одамна воспоставен модел со кој ги одржуваат трошоците на минимум.

Ова е останато како правило од времето на Тезука, кога една сцена се цртала за неколку минути. Но денес уметниците практично работат повеќе од еден час за 2 долари.

Решение сепак нема на повидок. Индустријата системски наложува огромни трошоци од страна на студијата за емитување на аниме филмовите. Закон за поголеми плати ќе резултира со банкрот на помалите компании. Така на крајот ќе останат само неколку големи компании кои ќе ги продуцираат филмовите и сериите што ќе доведе до целосен монопол во индустријата.

Аниматорите имаат речиси неподнослив товар да ја одржат оваа уметност во живот. За волшебните палачинки, бујните пејзажи од зајдисонца и авантурите низ времето, просторот, жанрот и културата. За сè што гледате и на се што се воодушевувате, аниматорите ја плаќаат цената.

Сепак, тие продолжуваат да цртаат.