Темелкова: Проблемот со водата во „Стив Наумов“ е поради дефект во реонот, денеска ќе се реши

Интервенција на ЈП „Водовод и канализација“ во реонот околу студентскиот дом „Стив Наумов“ е причината поради која изминативе неколку дена немало вода во третата зграда, потврди директорката на студентскиот центар Даниел Темелкова за Радио МОФ.

Таа информира дека притисокот на водата е намален на горните спратови од зградата, поточно на четврти и петти кат, но дека таква е состојбата и во другите станбени зради во близина. Во однос на реакциите на студентите за недостиг на топла вода во другите згради, Темелкова рече дека такви пријави немало.

„Она што го добивме како информација од „Водовод и канализација“ е дека работат на некаква санација и дека имаат интервенција. Денес ќе биде регулирано во однос на притисокот, а што се однесува на топлата вода, немаме никаква реакција. Управниците се таму, контролираат и викаат дека има топла вода. Не знам од каде е реакцијата дека нема топла вода. Ако нема, ќе се стапи кон интервенција, меѓутоа немаме таква пријава“, изјави Темелкова.

Студенти со кои Радио МОФ разговараше велат дека изминативе неколку денови морале да употребуваат шишиња за да ги задоволат своите секојдневни хигиенски потреби. Други, пак, велат дека немало доволно топла вода преку денот.