Телото на новинарот Кашоги веројатно растопено со киселина – Турската полиција ја прекинува потрагата

Турската полиција ја прекинува потрагата за телото на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, но ќе продолжи со истрагата околу целиот случај, дознава Ал Џазира. Овие информации доаѓаат откако истражителите пронашле траги на киселина во резиденцијата на саудискиот конзул во Истанбул, каде истрагата утврдила дека најверојатно било однесено телото на Кашоги по убиството и растопено со киселини и хемикалии.

Резиденцијата се наоѓа на многу мало растојание од конзулатот, каде Кашоги, колумнист на угледниот Вашингтон Пост и критичар на крунисаниот принц на Саудиска Арабија Мохамед Бин Салман, бил убиен на 2 октомври од тим на саудиски безбедносни сили и службеници.

Саудиска Арабија се обиде да го прикрие убиството, првично убедувајќи дека Кашоги го напуштил конзулатот, за потоа да го промени објаснувањето во тоа дека новиналот загинал во тепачка во конзулатот. Саудиските власти подоцна признаа дека Кашоги бил убиен во умислена акција, но дека таа била изведена без знаење на властите во земјата.

Турските и саудиските служби спроведоа заедничка истрага на конзулатот и резиденцијата на конзулот, но турскиот претседател изјави дека дел од саудиските претставници продолжиле со намерите да го прикријат злосторството.

Кашоги повеќе од една година беше во политички егзил во САД, стравувајќи од политички прогон. Новинарот ги поздрави реформите во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот Мохамед бин Салман, но продолжи да го критикува неговото автократско владеење.