Телма им забрани на вработените коментирање на социјални мрежи, новинарските здруженија со осуда на потегот

Преку писмено известување, потпишано од директорот и главниот уредник Атанас Кировски, на вработените во Телевизија Телма им се забрануваат коментари и мислења на социјалните мрежи кои не се одобрени од уредничкиот колегиум на медиумот.

„Вработените во ТВ Телма ја претставуваат во јавност телевизијата. Било каков политички став, коментар или мислење на одредени теми се интерпретира како став на телевизијата, а не како личен став на вработените во ТВ Телма. Од тие причини се забрануваат коментари, мислења и анализи на фејсбук профили, твитер и други социјални мрежи или медиуми кои не се одобрени од уредничкиот колегиум на ТВ Телма. Во иднина било каков коментар ќе биде санкциониран“, стои во известувањето кое се прошири преку социјалните мрежи.

Телевизија Телма, засега официјално не коментираше за забраната, но содржината индиректно ја потврди самиот Кировски, иронично, токму на Фејсбук.

Новинарските здруженија го осудија ваквиот потег. Од Самостојниот синдикат на новинарите во Македонија (ССНМ) сметаат дека ваквата еднонасочно срочената забрана, со најава за санкции, е израз на своеволие кое оди во насока на попречување на слободата на мислење и говор.

Тие побараа од Телма веднаш да ја повлече одлуката и да формулира правилник за однесување на социјалните медиуми, како востановена пракса во медиумите низ светот.

„ССНМ смета дека содржината и тонот на наредбата се особено навредливи и понижувачки, не само за новинарите во ТВ ТЕЛМА, туку и за имиџот на самата куќа и нејзиното раководство. Однесувањето на новинарите на социјалните мрежи не може и не смее да се ограничува, исто како што не може и не смее да има разлика меѓу нивниот професионален и приватен систем на вредности. Но, тоа не е прашање на наредби и санкции, туку прашање на фундаменталниот интегритет на новинарот и прашање на внатрешен дијалог и доверба во редакцијата која пак, својот интегритет го црпи токму од новинарите и нејзините уредници“, соопштија од Синдикатот.

Одлуката ја осудија и од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), кои сметаат дека ваквата забрана е типичен пример на цензура на интернет, која има цел да поттикне самоцензура кај новинарите на Телма.

„Самиот факт дека забрана за коментирање на социјални мрежи не го опфаќа и самиот директор и главен и одговорен уредник на Телма, покажува да практиката не е формализирана преку донесување на внатрешен акт, туку е своеволна одлука, која е селективна и дискриминаторска. Целта на забраната првенствено не е да се сочува угледот на телевизијата, туку да се контролира новинарската слобода. Јавно го повикуваме директорот Кировски да ја повлече ваквата забрана затоа што со вакви непромислени одлуки се ограничува новинарското изразување што негативно ќе се одрази на квалитетот на програмата и угледот во јавноста за Телма, која претендира да биде слободен и професионален медиум“, соопштија од ЗНМ.

Од ЗНМ потсетуваат дека во светот постојат практики каде новинарите се повикуваат да се воздржат од коментирање на политички процеси на социјалните мрежи за да се сочува угледот на медиумот, но дека таквото ограничување секогаш е предвидено во внатрешни етички кодекси на медиумот, кои се јавно објавени и каде јасно се прецизираат во кои ситуации и за кои вработени се применуваат ограничувањата.

Известувањето предизвика голем број реакции на социјалните мрежи, како и саркастични коментари. Меѓу нив и одговорот на охридското „Супер Радио“:

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.