Телевизиските рејтинзи во САД – петти месец во „слободен пад“

Февруари беше уште еден поразителен месец за телевизиската индустрија во Соединетите Американски Држави, вредна 65 милијарди долари. Комерцијалните рејтинзи, кои се клучни во одлуката на компаниите кои се рекламираат на телевизија, се во „слободен пад“ веќе петти месец по ред, со намалување од двоцифрени процентни поени во секој од претходните месеци.

Се помалку луѓе гледаат телевизија, а наместо тоа се свртуваат кон онлајн-сервисите за стриминг, како „Нетфликс“:

„Ова е јасна спирала на пад на телевизиските рејтинзи на која не и се гледа крајот“, вели медиумскиот аналитичар Michael Nathanson. Севкупните рејтинзи за клучното време (прајм тајм) на националните телевизиски мрежи во февруари се намалиле за 12 проценти, додека падот кај гледаноста на кабелските програми изнесува 11 проценти.

Онлајн-конкуренцијата ги става телевизиските куќи во многу непријатна ситуација, затоа што тие не можат да ги зголемуваат цените на рекламирањето за да компензираат за падот во гледаноста.

„Веруваме дека овие бројки се најмногу резултат на промената на навиките на гледачите. Тие многу брзо се свртуваат кон сервисите на интернет и ја напуштаат класичната телевизија“, вели Nathanson.

Во исто време, бројот на гледачи на телевизиски програми кои се емитуваат преку интернет-сервисите како Нетфликс, Хулу, Јаху и Амазон постојано расте. Околу 40 проценти од американските домаќинства веќе се претплатени на некои од овие сервиси, покажува последното истражување на агенцијата Нилсен.