Телевизии ширум светот ги откупуваат правата за шоуто на украинскиот претседател „Слуга на народот“

Земји ширум светот ги откупуваат правата за хумористичната серија која го прослави украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавува „Евроњуз“. „Слуга на народот“, во кој претседателот Зеленски претходно ја играше улогата на претседател на Украина, првпат беше емитувана во 2015 година.

Серијата беше хит во Украина, каде што се прикажуваше три сезони. Откако Зеленски стана лице на украинскиот пркос против руската инвазија, интересот за шоуто го достигна врвот и во странство.

„Ехо рајтс“ ја дистрибуираше програмата, направена од студиото на Зеленски „Квартел 95“ од нејзиното лансирање. Управниот партнер на компанијата, Никола Содерлунд рече дека продажбата драстично се зголемила во последните неколку дена, нарекувајќи го интересот за шоуто „извонреден“.

„Тоа е веќе доста старо шоу. Но, се разбира, со оглед на околностите, стана многу, многу, многу интересно за сите“, објаснува тој.

„Канал 4“ објави дека ги има правата за серијата во Обединетото Кралство и дека планира да почне со емитување на првата епизода во недела. „Ехо рајтс“, исто така објави дека има договори со МБЦ на Блискиот Исток, грчката „АНТ1“ и „ПРО ТВ“ во Романија, како и радиодифузери во Бугарија, Молдавија, Естонија, Франција, Финска и Грузија.

„Ехо рајтс“ донираше 50.000 евра на украинскиот Црвен Крст, за што Содерлунг вели дека е изедначена сума од парите кои компанијата ги заработила со продажба на шоуто. Компанијата, исто така ги отстрани сите руски телевизиски серии или серии од руско производство од својата понуда.