Технолошкиот институт од Пекинг ќе стипендира македонски студенти и постдипломци

Технолошкиот институт од Пекинг нуди 10 стипендии за магистерски или докторски студии, како и стипендии за 20 студенти од македонските универзитети во рамки на програмата за размена, соопшти Министерството за образование и наука.

Технолошкиот институт од Пекинг ќе стипендира македонски студенти и постдипломци

Стипендијата ги покрива трошоците за школување на Институтот, сместување во кампусот и трошоци за исхрана, осигурување и наставни материјали за време од две години за магистерски студии, односно четири години за докторски студии.

Апликациите може да се поднесуваат до 30 април 2014 година. За селекција и препорака на квалификуваните кандидати, задолжена е Амбасадата на Република Македонија во Пекинг.

На веб-страницата на МОН се наведени документите кои заинтересираните кандидати треба да ги достават, како и начинот и адресата на аплицирање.

Пекиншкиот технолошки институт (Beijing Institute of Technology) е основан во 1940 година и е еден од клучните национални универзитети во Кина за наука, инженерство и уметности, со значајни достигнувања во повеќе области.

Се состои од 17 академски училишта и нуди 60 програми за додипломски студии, 49 програми за постдипломски студии и 23 програми за докторски студии. На Институтот годишно студираат над 400 странски студенти.