ТЕЦ Осломеј да се затвори, а ТЕЦ Битола да ги намали работните часови – препораки на CEE Bankwatch Network

Државите од Западен Балкан ги надминуваат граничните вредности за емисии во воздухот од термоелектраните на јаглен, договорени со Енергетската заедница, и до шест пати за одредени тексични супстанци, се вели во новиот извештај објавен денес од CEE Bankwatch Network. Меѓу нив, како главен загадувач од Македонија е ТЕЦ Битола.

Според истражувањето, вкупните емисии на сулфур диоксид од термоелектраните во Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Северна Македонија го надминуваат плафонот за 2018 година, договорен со Енергетската заедница преку Националните планови за намалување на емисиите, за повеќе од шест пати. Вкупните емисии на прашина се исто така над вкупниот плафон, и тоа над 60 проценти.

Македонија го надминува националниот плафон за сулфур диоксид за пет пати, а плафонот за прашина нешто повеќе од два пати. Во тие плафони се пресметани и придонесите на ТЕЦ Неготино и Рафинерија ОКТА кои што не работат веќе повеќе години.

„Главните извори на емисии што преостануваат се ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј, со тоа што Осломеј има многу малку работни часови и соодветно на тоа и емисиите на загадувачки супстанци му се под договорените граници. ТЕЦ Битола, споредено со индивидуалните плафони за термоелектраната, емитувала 52.823 тони сулфур диоксид што е шест пати повеќе отколку што е максимално дозволено. Во однос на прашината ТЕЦ Битола емитувала 3.470 тони, што е за три пати повеќе прашина од индивидуалниот плафон“, стои во извештајот.

Извештајот забележува дека единствената значајна инвестиција на најголемиот загадувач во Северна Македонија, РЕК Битола, е направена во текот на 2012-2013 година, со обновата на котел 2 и котел 3, додека котел 1 сè уште не е реновиран.

„Тендер за реконструкција и модернизација на електростатскиот талог во РЕК Битола е објавена неколку пати во последните десет години, а конечно беше објавена во март 2019. Сепак, поради неправилности во постапката за набавка, тендерот беше откажан
и целата постапка беше вратена на почетокот. Единицата за десулфиризација за РЕК Битола сè уште е заглавена во фазата на физибилити студија и веројатно нема да се заврши пред 2025 година. РЕК Осломеј најмногу се користи како резервна единица и не се направени значителни инвестиции во последните две децении“, стои во извештајот.

Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, се потписници на Спогодбата за Енергетската заедница. Оваа спогодба вклучува и цели за намалување на емисиите од индустријата кои беше потребно да бидат имплементирани најдоцна до 2018 година. Спротивно на спогодбата земјите ги прекршуваат своите обврски, а во некои случаи како што е тој со ТЕЦ Битола, количината на емитувани загадувачки супстанци во воздухот постојано се зголемува од година во година.

„Властите, како и менаџментот на ТЕЦ Битола, знаат за оваа обврска уште од 2006 година. Наместо навремени инвестиции во опрема за намалување на емисиите, со цел да се достигнат зададените плафони за 2018 година, доведени сме во ситуација кога ТЕЦ Битола треба значително да ги намали работните часови за да ги исполни обврските. Истовремено, за да се исполнат обврските за следната контролна година, 2023, потребни се огромни инвестиции во краток временски период. Ова може да биде погубно за македонската економија“, вели Давор Пехчевски, Регионален координатор за аерозагадување во CEE Bankwatch Network и ко-автор на извештајот.

„Инвестициите за доведување на ТЕЦ Битола во линија со најдобрите достапни технологии веќе можеа да бидат вратени како заштеди во здравствениот сектор. Според нашето истражување „Колку чини животот“, направено согласно методологијата на Светската здравствена организација, товарот на македонската економија од здравствените последици од термоелектраните е над 20 милиони евра годишно. Токму таа е проценетата вредност за реконструкција на филтерот на ТЕЦ Битола. Доколку сакаме искрено да се бориме против аерозагадувањето, мора да престанеме да им попуштаме на големите загадувачи. Овие инвестиции не се само правна обврска, тие се пред сѐ обврски за заштита на јавното здравје“, додава Ана Чоловиќ Лешоска од „Еко-свест“.

Во извештајот се вклучени и препораки за тоа како владите на земјите од регионот можат да го подобрат следењето и контролата на загадувањето, но и како Европската унија може да делува преку зајакнување на механизмите на Енергетската заедница.

„До властите во Северна Македонија: Формализирајте го затворањето на РЕК Осломеј. До крајот на 2020 година, одлучете за иднината на РЕК Битола и неговата рехабилитација или затворање и издадете ИСКЗ дозвола. Задржете го работното време што е можно пониско за да се усогласи со плафоните додека опремата за контрола на прашина и SO2 не се инсталира или фабриката е затворена“, забележува извештајот.

Тој официјално ќе биде презентиран на 10-ти декември на настан во Европскиот парламент поддржан од пратеничката Виола вон Крамон од парламентарната група Greens/EFA и  пратеникот Петрос Кокалис од пратеничката група GUE/NGL.